Пентагон даде зелено светло за испорака на „Томахавк“ за Украина, последниот збор го има Трамп
Пентагон ја дал својата согласност Белата куќа да ѝ испорача на Украина далекуметни крстосувачки ракети „Томахавк“, откако проценил дека тоа нема да влијае негативно на американските залихи. Сепак, конечната политичка одлука останува кај американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат американски и европски извори запознаени со ситуацијата, пишува Си-ен-ен.
Препорачано
Иако Трамп првично изјави дека САД имаат „многу Томахавк ракети“ и би можеле да ѝ помогнат на Украина, тој на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа изјави дека „не сака да ги дава работите што се потребни за заштита на сопствената земја“. Потоа, во разговор зад затворени врати, му соопштил на Зеленски дека САД засега нема да ги испратат ракетите.
Одлуката на Трамп следела веднаш по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој го предупредил дека ракетите „Томахавк“ би можеле да погодат големи руски градови како Москва и Санкт Петербург. Според извештајот на Си-ен-ен, Путин рекол дека таквиот потег нема значително да го промени исходот на боиштето, но би ѝ наштетил на американско-руската соработка.
Иако Белата куќа и Пентагон одбиле да дадат официјален коментар, извори тврдат дека администрацијата веќе има подготвени планови за брза испорака на ракетите во случај Трамп да ја смени одлуката. Истовремено, Трамп изминатите недели изразил фрустрација поради одбивањето на Путин да прифати сериозни мировни преговори, па затоа одобрил нови санкции против руските нафтени компании и го откажал планираниот состанок со Путин во Будимпешта.
Американските воени експерти не гледаат ризик по залихите, но предупредуваат дека Украина сè уште нема доволно обука и инфраструктура за користење на овие ракети. Најголем предизвик е тоа што „Томахавк“ обично се испукуваат од бродови или подморници, а украинската морнарица е речиси уништена. Затоа се разгледува опција за копнени лансери, какви што користат американската морнарица и маринците.
Сепак, европските партнери веруваат дека Украина би можела самостојно да развие решение, потсетувајќи дека украинските инженери веќе успеале да ги прилагодат британските „Storm Shadow“ ракети за советски авиони. Зеленски оваа недела порача дека Украина планира да го прошири своето далекуметно оружје до крајот на годината за „во правични услови да ја заврши војната“.


