Пендаровски најави граѓанска кандидатура за втор претседателски мандат

Претседателот Стево Пендаровски во кабинетот - Фотографија МИА

Околу причините за кандидатурата, Пендаровски појасни дека зад себе има мандат без ниту една стратешка грешка, корупциска афера или случај на непотизам, судир на интереси поврзани со него или неговото семејство. Бев национален координатор, ги предводев преговорите за членство во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата. Во вториот мандат очекувам да станеме членки на Европската Унија – додаде тој.

Актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски најави дека повторно ќе се кандидира на претседателските избори. На денешната прес-конференција, Пендаровски соопшти дека станува збор за граѓанска кандидатура и побара од граѓаните да дадат поддршка со ставање потписи.

– На 3 март, в недела очекувам и СДСМ да ја формализира поддршката за мојата кандидатура. Веднаш потоа, од понеделник тоа да го направат и останатите десетина политички партии од таа коалиција. В недела ќе присуствувам на Конгресот на СДСМ, да им се заблагодарам за поддршката, а од понеделник ќе имам средба со сите коалициски партнери кои ја најавија поддршката – изјави Пендаровски.

Тој ги повика сите граѓани, почнувајќи од 3 март, да дадат поддршка за неговата кандидатура преку потписи во подрачните едници на Државната изборна комисија.

Околу причините за кандидатурата, Пендаровски појасни дека зад себе има мандат без ниту една стратешка грешка, корупциска афера или случај на непотизам, судир на интереси поврзани со него или неговото семејство.

– Бев национален координатор, ги предводев преговорите за членство во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата. Во вториот мандат очекувам да станеме членки на Европската Унија – додаде тој.

Како втора причина ги посочи неговите политики во однос на меѓуетничките односи, кои, како што вели, биле и ќе бидат столб на македонското општество.

– Третата причина е тоа дека во изминативе пет години покажав дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка или економска моќ, вклучително и во однос на оние кои го поддржале на избори. Во нашата држава не постои човек или партија која може да каже дека ме контролира или ги диригира моите одлуки – вели Пендаровски.

На прашањето дали ако отиде во вториот круг очекува да ги добие гласовите на албанците, конкретно од ДУИ, со оглед на тоа што тие се на некој начин лути, бидејќи Пендаровски не го потпиша Законот за игри на среќа, тој вели дека ги очекува гласовите од сите етнички заедници.

– Малкумина знаат, во 2014 година на врвот на автократијата на Груевски, кога ДУИ тогаш имаше став дека нема консензуален кандидат, јас имав 35 илјади албански гласови. Значи и без политички договор со која било партија има граѓани од сите етнички заедници кои ме гласале и се надевам дека ќе ме гласаат, вели тој.

Во однос на прашањето за избор на претседател на државата во Собрание, Пендаровски смета дека е подобро да се има независен шеф на државата.

– И пред да бидам претседател, но и сега имам став околу тоа прашање. Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ.  На пример, во 2019 година за аферата „Рекет“ бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Ако тогаш бев избран во Собранието, ќе бев сменет од оваа функција истото попладне, и затоа мислам дека на Македонија ѝ е потребна една ваква независна институција, која дури и на оние кои го предложиле и го гласале ќе им каже кога претерале – изјави Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање.

Околу тоа дали има најпосакуван противкандидат, Пендаровски изјави дека не размислува за тоа. Тој посочи дека ги почитува сите кандидати кои се веќе квалификувани во првиот круг и со сите нив има коректен однос.

Извршниот одбор на СДСМ на состанокот во средата во Штип соопшти дека до Централниот одбор ќе го предложи Стево Пендаровски за кандидат за претседател.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април 2024 година, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Извршниот одбор на СДСМ го поддржа Стево Пендаровски за кандидат за Претседател на државата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот