Румен Радев и Стево Пендаровски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Пендаровски на први октомври во Софија на пуштањето на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција

На први октомври, еден ден пред парламентарните избори во Бугарија, претседателот Стево Пендаровски заедно со претседатели од регионот и пошироко во Софија ќе учествува на состанокот по повод пуштањето во употреба на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција.

Македонскиот претседател во Софија заминува на покана од бугарскиот претседател Румен Радев, а освен нив двајца на состанокот ќе учествуваат и претседателите на Азербејџан, Србија и Романија, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Пендаровски веќе најави дека на први октомври ќе оди во Софија и во телевизиско интервју кажа дека досега четирипати разговарал по телефон со Радев околу увозот на електрична енергија. Иако на агендата на средбата се енергетските прашања, не е исклучено Пендаровски и Радев да имаат билатерална средба за развојот на односите меѓу двете земји.

Дел од бугарските медиуми веќе објавија дека Пендаровски оди во Софија без страв од бугаризација.

– Од бугаризација се плашат или најавуваат дека ќе ни се случи само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство. Навредливо е за македонската нација да кажеш дека протокол, договор, преку механизми на европска интеграција, дека јас и ти можеме да станеме Бугари. Тој дух на наводна бугаризација која ни се заканува е измислена од страна на опозицијата за да го плаши македонскиот народ, кој има свои длабоки корени и цврсто втемелено национално чувство, а ние сме токму тоа, нема потреба да се плаши од бугаризација. Мислам дека тоа е испукан ќор-фишек, бидејќи нема никаква опасност дека ние низ европските процеси на крајот на станеме Бугари – рече Пендаровски.

За средбата во Софија кажа дека целта е да покажат дека „не треба да се гледаме и понатаму како непријатели, напротив како добри соседи кои си помагаат и во неволја”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот