ПАЗЕТЕ ОД КОГО КУПУВАТЕ СТАН: Заради нотарска грешка и долг на инвеститорот овој скопјанец може да остане на улица

фото: Слободен печат

Шеесет и седумгодишниот Љубиша Пајиќ веќе 5 години поминува низ вистинска голгота. Тој може да остане без покрив над главата. Купил стан во 2014 година, го платил целиот износ од 20.000 евра, но станот се уште не е негов. Не може да извади имотен лист, бидејќи станот е во извршување поради неплатен долг на инвеститорот, Тони Вељанов, кон трето лице.

Пајиќ вели дека се обидел со сите правни средства, но случајот тапка во место. Немоќен да стори било што, овој 67-годишен скопјанец одлучи да ни ја раскаже целата приказна.

Таа започнува во 2012 година во јуни месец кога е склучен договор за изградба на стан со соинвеститорство помеѓу Љубиша Пајиќ, како купувач и Тони Вељанов, како инвеститор. Станува збор за стан во Карпош на улица „Руѓер Бошковиќ“ од 20 м2 во Карпош, со тоа што цената за станот, 15.000 евра е платена на фактура веднаш од страна на купувачот со потпишување на договорот за изградба на стан. На рака на Вељанов, Пајиќ му исплатил уште 5.000 евра за галеријата која е составен дел од станот.

[foogallery id=”118185″]

Договорот е склучен во форма на нотарски акт, при што е приложен документ за плаќање на сумата за вредноста на станот, а со тоа е потпишан основниот договор за здружување на средства за изградба на стан, а потоа е потпишан и договор во форма на нотарски акт, кај нотар Ивана Катавеновски.

По склучувањето на договорот за изградба на стан, по службена должност нотарот испраќа пријава до Катастар за упис на промена, што значи предбележување, или дека на таа адреса ќе се градат станови.

Кога изградбата на становите завршила во 2014 година, Пајиќ и Вељанов направиле нов договор, овојпат за купопродажба. Во тоа време веќе имало имотни листови за становите, но на име на инвеститорот Тони Вељанов. Договорот за купопродажба е склучен на 02.10.2014 година исто така во форма на нотарски акт.

[foogallery id=”118208″]

По ова, нотарката Ивана Катавеновски исто така мора да поднесе пријава во Катастар за да се направи промена, односно за предбележување на купопродажба, поточно да се знае дека за споменатиот стан во тек е склучување на купопродажба и помеѓу кои странки, со цел да се знае кој е купувач на станот.

Но, нотарката оваа пријава ја испратила на 04.11.2014 година (промената била запишана на 07.11.2014), поточно еден месец по склучување на купопродажниот договор, иако истата имала обврска тоа да го стори во што е можно поскоро време од склучувањето на нотарскиот акт. Поради тоа, има вина и од страна на нотарот, за целата ситуација која се случила подоцна.

На 29.10.2014 година, неколку дена пред нотарката Катавеновска да ја испрати пријавата до Катастар, од страна на извршителот Алберто Ребула (кој сега е починат и предметот е кај друг извршител) бил испратен налог до Катастар за прибележување, дека е поднесен налог за извршување. Доколку нотарката Ивана Катавеновски, ја испратила веднаш пријатвата во Катастар, извршителот нема д аможел да го заплени станот на Пајиќ, односно на Вељанов на чие што име гласел во тој период.

Пајиќ во овој случај, поради тоа што во меѓувреме нотарката Ивана Катавеновски починала, единствено може да бара одговорност од заменикот и помошникот нотар. Оштетеното лице вели дека му била потребна речиси една година од страна на Нотарската комора за да дознае кој во тоа време бил заменик и помошник нотар на Катавеновски и покрај неговите бројни инсистирања и обиди. Сепак, Пајиќ се уште не поднел пријава за одговорност, затоа што се уште не е направена штета.

По направената промена во имотниот лист, во кој сите станови се на име на Тони Вељанов, во графата Г стои дека за споменатиот стан е склучен договор за купопродажба помеѓу Вељанов и Пајиќ, но сето тоа е залудно, поради тоа што веќе е внесена и забелешката од извршителот.

Како што дознава „Слободен печат“, инвеститорот Тони Вељанов со години имал судски спор поради долг со извесен Слободан Цветановски, а најверојатно станува збор за поголема сума пари, над 100 илјади евра, во која се пресметани главница, адвокатски трошоци, камата, извршителски трошоци, при што Вељанов на лицата на кои им ги продавал становите не им спомнал ништо за овој случај. Пајиќ напоменува дека уште кога бил склучен договорот со Вељанов, судскиот спор на инвеститорот веќе бил завршен, поточно имал правосилна судска одлука за наплата на заостанатиот долг.

Поради неплаќањето на долгот, доверителот Цветановски со неговите адвокати го дале Вељанов на извршител, иако претходно пробале со блокирање на сметките да го наплатат долгот, но должникот веќе имал блокирано сметки поради повеќе основи, така што првичната замисла на извршителот не се реализирала. Потоа од страна на извршителот била проверена имотната состојба на Вељанов, при што биле прикажани возила, но тие не биле доволни да се наплати долгот. Откатко ја истражиле имотната состојба во Катастар се појавиле становите на улица „Руѓер Бошковиќ“ со имотен лист на Тони Вељанов, на кој се уште не биле прибележани договорите за купопродажба, па поради тоа извршителот доставил налог за извршување кој бил вметнат во имотниот лист.

Пајиќ многу доцна дознал за целата ситуација. Имено, според договорот за купопродажба, данокот за станот требало да го плати инвеститорот, поточно Тони Вељанов. Откако тој го однел предметот на оданочување во Град Скопје забележал дека данокот се уште не бил платен. Пајиќ контактирал со Вељанов со цел да дознае дали и кога ќе биде платен данокот, инвеститорот му велел, ќе го платам, денеска-утре и така до недоглед. Тогаш всушност Пајиќ дознал дека проблемот што тој се уште не добил имотен лист за станот, не бил неплатениот данок, туку тоа што станот е даден на извршител.

Пајиќ за овој случај поднел кривични пријави за Вељанов и за извршителот, како и претставки до УЈП, Министерство за правда, Совет на јавни обвинители и други.

Пајиќ го обвинува Вељанов дека, од една страна не го плаќа својот долг за да му го ослободи станот, а од друга страна, гради нови станови, исто така во Општина Карпош. Фирмата која ги гради становите кои ги спомнува Пајиќ, е всушност фирма на сопругата на Вељанов.

фото: Слободен печат
фото: Слободен печат

„Слободен печат“ контактираше и со инвеститорот Тони Вељанов со цел да го праша кога има намера да ги подмири долговите и да го ослободи станот на Пајиќ.

– Запознаен сум со целиот случај и навистина жалам што така се случи. Поради долгот кој го имав кон Цветановски и судскиот спор кој го загубив, бев даден на извршител и притоа на становите кои ги градев во имотниот лист беше додадена приблешка од извршителот. За целата ситуација со господинот Пајиќ сметам дека е виновна нотарката со која во тоа време соработував, затоа што по еден месец од склучувањето на договорот од нејзина страна беше доставен налог до Катастар, а не во следните неколку како што е според нотарската пракса. Јас во повеќе наврати разговарав со Пајиќ и му ветував дека и неговиот стан ќе биде ослободен, затоа што јас на доверителот постепено му уплаќам за долгот. Жалам што вака се случи, единствено можам да им ветам дека до декември, кога очекувам доверителот да се врати од странство, да направиме се и господинот Пајиќ да добие имотен лист на негово име – ни изјави инвеститорот Тони Вељанов.

Тој негира дека гради нови станови во Карпош. Вељанов ни посочи дека е разведен од неговата сопруга и дека со изградбата на тие станови нема никаква врска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот