Патување на одмор со мало дете: Совети како сѐ да помине како што треба

патување со деца
Фото: Profimedia

Кога се подготвувате за летување со мало дете, првенствено не заборавајте да му обезбедите пријатен и удобен транспорт, задолжително детско седиште во автомобилот, односно транспортер за помалечките, и секако, носете патувачка аптека со вас.

Патувањето на одмор со мало дете може да биде уште попријатно и помалку стресно доколку претходно се подготвите за евентуалните непријатности со коишто би можеле да се соочите во текот на патувањето,
односно престојот.

Промената на климата, исхраната, студената морска вода, можните алергиски реакции се само дел од факторите кои може да доведат до низа непријатности. Не потпирајте се секогаш на можноста дека ќе се снајдете таму каде што ќе престојувате, бидејќи аптеките секогаш не работат 24 часа, или пак, не се наоѓаат во близина каде што сте сместени, а секако дека може да ве чини и многу поскапо.

Токму поради тоа, во вашата мала аптека не заборавајте на некои основни, елементарни работи без кои не би требало да тргнете на пат, особено доколку одите на летување со мало дете.

патување со деца
Фото: Profimedia

Кога е најповолно да се патува со мало дете?

Не заборавајте да му обезбедите на вашето дете пријатен и удобен транспорт, задолжително детско седиште во автомобилот, односно транспортер за помалечките, Избегнете ги подалечните дестинации доколку се работи за помало дете и патувајте наутро или, пак, во попладневните часови, со цел да се избегнат горештините.

Доколку вашето дете не поднесува патување, пред тргнување нe заборавајте да му дадете некое од средствата што ги ублажуваат непријатностите во текот на патувањето (нагони на повраќање, повраќање и
сл.)

Кои основни работи треба да ги понесете со себе?

Кога патувате со мало дете на одмор не мора да понесете цела аптека со вас, но на некои основни работи не смеете да заборавите.

Топломер за мерење на телесната температура и средство за симнување на истата. Електролити во форма на прашоци или, пак, приготвени како раствор, во случај на загуба на течности што најчесто се случува при појава на некоја цревна инфекција или, пак, надразнување со храна, проследени со појава на течни столици, повраќање… Дополнително губење на течности и можност за дехидратација може да настане при високи фебрилни состојби (зголемена телесна температура) и сите состојби каде што постои недоволен внес на течности или, пак, неможност за нивна задршка.

Високата телесна температура, како и атмосферските високи температури, потењето, губењето на течностите преку кожата и дишењето, ја наметнуваат потребата за нивен поголем внес преку уста.Токму поради тоа не заборавајте да го рехидрирате детето со давање течности на уста за да ја избегнате појавата на дехидратација и давањето на инфузиски раствори.

Доколку давањето на симптоматската терапија со течности на уста, електролити, пробиотици, не доведе до подобрување на состојбата, односно детето станува малаксано, истоштено, сонливо, доенчето недоволно го
полни памперсот, има сува кожа и уста, тоа се само дел од симптомите кои укажуваат на дехидратација и аларм дека треба да побарате лекарска помош.

деца море
Фото: Profimedia

Внимавајте што пиете и јадете

Покрај другото, вашата патувачка аптека треба да содржи и капки за очи и против болки во уво, имајќи предвид дека може да дојде до иритирање на детските очи од солта или од песокот и/или да настане воспаление на увото.

Имајте при себе и креми за каснување од инсекти за локален третман, како и креми и лосиони за сончање со висок фактор за заштита на нежната и чувствителна детска кожа. Не заборавајте доволно внесување течности во текот на денот, консумирање повеќе овошје и зеленчук, избегнувајте тешка храна и не воведувајте нови работи во исхраната кои дотогаш не сте ги пробале, поради можноста од појава на алергиски реакции на новите намирници.

Облеката нека биде комотна, со материјал кој помалку го поти телото, знаеме дека белата и светлите бои ги одбиваат сончевите зраци за разлика од темните кои ги привлекуват.

Заштитните капи, шапки, марами, очила за сонце, не само што ќе бидат модерен детаљ за вас и за вашето дете, туку воедно ќе ве штитат од изложувањето на сонце. Одењето на плажа нека биде наутро до 10-11 часот, како и во попладневните часови.

Заштитниот крем за сончање нанесувајте го на секои 2 часа, избегнувајте директно изложување на сонце, користете креми и за после сончање. Пред да тргнете на одмор, посетете го вашиот матичен лекар, направете ги потребните консултации, послушајте ги неговите инструкции и подготвени уживајте во летото.

Доктор Ристовска Слаѓана, спец. педијатар
ПЗУ-Д-р РИСТОВСКА

Видео на денот