Патот преку Водно за Сопиште изграден, но неупотреблив

Патот од Водно до Сопиште, заради чие пробивање се исече дел од шумата, иако одамна е целосно завршен, се уште нема употребна дозвола, односно не е официјално пуштен во употреба. Требаше да се пушти уште минатиот јуни, според тогашните најави на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, но и една година подоцна нема ништо од тоа.

Единствената разлика од лани е што во меѓувреме е тргната рампата од патот која го попречуваше движењето со автомобили по него, па го користеа само велосипедисти и пешаци. Сега, стои само табла со известување „Внимание! Патот е во изградба“. Нема знак за забрана на движење, па така, по патот поминуваат и автомобили.

Од Јавното претпријатие за државни патишта потврдуваат дека градежните работите на регионален пат Р2138, којшто е врска со патот за населбата Сончев Град, се комплетно завршени.

– Поради појава на свлечиште потребно е да се извршат измени во тек на градба. Аплицирано е до Министерството за транспорт и врски за измени во тек на градба. По направените измени ќе се изврши технички преглед и ќе се аплицира до Министерството за употребна дозвола на патот – велат од ЈП за државни патишта.

Од Министерството пак тврдат дека заедно со јавното претпријатие активно работат на отстранување на пречките за санација на свлечиштето на патниот правец Р2138.

– Заради безбедност за сообраќајот, патот се уште не е ставен во функција. Откако ќе се санира свлечиштето, истиот ќе биде пуштен во употреба – информираат од Министерството за транспорт и врски. 

Пред повеќе од една година, во изјава за медиуми, директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, го спомена свлечиштето. Тој тогаш изјави дека поради големо свлечиште што се појавило е изместена трасата, што повлекува низа административни измени, односно дека патот не може да се пушти во употреба додека не се усогласи документацијата со тоа што е изградено на терен.

Според тоа колку се одолговлекуваат работите околу пуштањето во употреба на патот, очигледно е дека административните процедури се уште траат, но не се прецизира каде е закочена работата.

Изградбата на патот за Сончев Град почна пред шест години, во јуни 2013 година, по низа забелешки и противења на невладините организации за заштита на зеленилото на Водно, кои беа против сечење на шумата за изградба на пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот