Патот на љубовта: Романтичната пешачка улица во Чинкве Тере е повторно отворена по 12 години
Романтичната пешачка улица Виа дел аморе (или во превод: патот на љубовта), која се наоѓа во италијанскиот национален парк Чинкве Тере, повторно беше отворена вчера (27 јули), откако 12 години беше затворена поради лизгање на земјиштето. Долготрајното и обемно уредување на патеката сега повторно гарантира безбедност за пешаците, пишува „Пун куфер“.
Препорачано
Виа дел аморе беше едно од најпознатите туристички места во Чинкве Тере. Издлабена во стрмна карпа, таа е позната по своите спектакуларни погледи кон Лигурското Море.
Улицата, или поточно асфалтираната патека што ги поврзува живописните села Риомаџоре и Манарола, е најлесниот дел од Сентиеро Азуро, што ги носи планинарите од Риомаџоре до Монтеросо. Долга е приближно еден километар, а нејзината историја е долга повеќе од еден век. Можеби најинтересно е што патеката е создадена сосема непланирано.
Риомаџоре и Манарола ги поврзувала планинска патека од горната, планинската страна, но не и од морската страна. Тоа не било случајно бидејќи не претставувал безбеден пат, па не бил многу користен, за што сведочи сосема различниот говор на овие две живописни места.
Меѓутоа, на крајот на 19. век, кога се градела железницата меѓу Џенова и Ла Специја и кога се градел тунел меѓу овие две села, на места била издлабена патека во карпата над морето за да се олесни транспортот на материјалите до градилиштето. Жителите на Риомаџоре и Манарола ја поврзале до крај во 1920 година, а новата пешачка улица стана омилено место за состаноци на вљубените, па така и го добила името.


