Партизан на домашен терен се посрамоти против Макаби
Кошаркарите на Партизан доживеаа тежок дебакл на домашен терен, откако беа убедливо поразени од Макаби со 112:87 во натпревар кој ќе се памети по една од најлошите партии во поновата историја на клубот.
Препорачано
По катастрофата во Каунас, црно-белите продолжија со лошата серија и пред својата публика во „Штарк арената“, каде што израелскиот тим целосно ги надигра и понижи. Ова беше дебито на новиот тренер Жоан Пењаројa, но наместо позитивен шок, Партизан доби уште еден болен удар.
Единствен светол момент за домашните беше почетокот на натпреварот и првите седум минути на Камерон Пејн, кој одигра одлично во своето деби и со неколку тројки ја крена публиката и му донесе двоцифрена предност на Партизан. Но, тој период брзо заврши.
Со првите измени започна и целосниот распад на играта. Нападот без Пејн целосно исчезна, одбраната практично не постоеше, а Макаби сериозно го зголемуваше темпото. Гостите веќе во втората четвртина го презедоа водството и на полувреме заминаа со убедливи 58:43, проследени со свирежи од трибините.
Третата четвртина донесе вистинска катастрофа. Макаби постигна дури 34 поени за десет минути и стигна до повеќе од 30 поени разлика. По три четвртини израелскиот тим имаше неверојатни 92 поени, а публиката почна масовно да ја напушта салата.
Во последниот период Макаби ја префрли „стотката“ уште на седум минути до крајот, а конечниот резултат од 112:87 можеше да биде и уште поубедлив доколку гостите не го намалеа ритамот.
Атмосферата во салата беше мачна – наместо поддршка, се слушаа свирежи, а навивачите скандираа „Лакиќ, капитен“, како израз на револт и разочарување. Освен Бонга и Лакиќ, ретко кој доби аплаузи во оваа мрачна вечер за Партизан.
Очигледно е дека кризата во Хумска е длабока и дека ниту нов тренер, ниту засилувања, засега не носат решение. Пред Партизан е можеби најтешкиот период во поновата клупска историја.


