Партијата трпи сѐ, хартијата не!

Расте притисокот врз Христијан Мицкоски да си го исполни ветувањето дека ќе поднесе оставка од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, ако изгуби на парламентарните избори. Но, растат и неговите обиди да опстане во политиката, со поддршка од највисоките партиски тела и со промени во партискиот Статут.

Заминувањето на Мицкоски веќе јавно го бараат и неговите сопартијци како Даниела Рангелова и Никола Поповски, на што тој одговори со нов партиски Статут за демократизација во ВМРО-ДПМНЕ и со поддршка и од Централниот комитет, покрај Извршниот, да преговара и да се обиде да состави Влада.

Партијата ќе се демократизира

Според Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ, партијата ги следи современите искуства на големите европски десничарски партии и огромни надлежности се пренесуваат на членството и на органите.

– ВМРО-ДПМНЕ е најпрогресивната и најдемократската политичка партија во Македонија и со измените во Статутот се воведува најголем степен на демократија во носењето на партиските одлуки и поголемо право на одлучување на комитетите и членовите. ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за непосреден избор на претседател и раководство на општинските комитети директно од членството, како и за демократски избор на идни државни функционери, кандидати за градоначалници. Се воведуваат нови органи и тела партијата, Унија на ветерани, како и форум на интелектуалци, а се ограничува и правото на реизбор на претседател на партијата и на други функционери – рече вчера Николовска.

Таа објасни дека со новиот Статут се овозможува непосредна демократија при носењето на партискиот став и се воведува нова партиска функција претседавач на Централниот комитет. Кандидатите за советници во локалната самоуправа директно ќе ги избира собранието на општинскиот комитет, а на овој начин ќе се избираат и кандидатите за градоначалници. Мандатот на претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети и на сите органи и тела што се бираат на конгрес се ограничува на 4 години, при што на истата функција еден функционер може да се задржи најмногу три мандати. Мандатот на сите останати партиски функционери во сите органи и тела се ограничува на 2 години.

Новиот партиски Статут беше најавен уште во 2017 година веднаш откако Мицкоски беше избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партиската статутарната комисија Панче Тошковски завчеравечер по усвојувањето на Статутот рече дека измените се револуционерни и се плод на повеќегодишна анализа и соработка со напредните политички партии.

– Значењето на европските принципи и вредности, државотворниот и демократски капацитет на партијата, како и конзервативната идеологија и заштитата на македонските национални интереси во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се истакнати уште на самиот почеток. Целите и задачите на ВМРО-ДПМНЕ ја продолжуваат заложбата на нашата државотворна партија за независна, суверена, самостојна, граѓанска, демократска држава, која почитувајќи ги сите вака поставени цели и задачи ќе овозможи подобар живот на македонскиот народ и на заедниците во рамките на една унитарна држава што се стреми да стане членка на Европската Унија – рече Тошковски.

Тој додаде дека сега се овозможува примената на начелото на непосредна демократија, односно дека партијата е должна да им овозможи на сите што се релевантна група истомисленици да си го искажат своето мислење и воедно врз основа на таквиот нивен став партијата донесе партиски став.

Сопартијците бараат оставка

Тошковски рече дека освен Статутот, втората важна одлука што ја донел Централниот комитет е да го овласти претседателот Мицкоски да преговара за формирање ново парламентарно мнозинство, а со тоа и да ја состави новата влада. Тој не одговори на новинарското прашање за сѐ повеќе бараната оставка на Мицкоски од лидерската позиција, само рече дека „Мицкоски е првиот претседател на една политичка партија на Балкан што самиот себеси си ја ограничува можноста за да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.

Поранешен министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски во својата најнова колумна бара партијата веднаш да најави дека недвосмислено, со оглед на исходот од изборите, останува во опозиција затоа што „ќе биде побезболно за членството, отколку да создаваме нереални надежи за да потоа ги разочараме дополнително по којзнае кој пат. Целосно ќе изгубат мотив“. Поповски пишува дека партијата не победува неколку изборни циклуси по ред и дека најмногу ги критикуваат дека слабо учат од искуствата.

„Почнаа да нѐ прашуваат дали воопшто сакаме да победуваме. Особено со оглед на многубројните констатирани слабости кај противниците. Конечно, сите нѐ прашуваат дали имаме стратегија“, пишува тој и додава дека толкувањето на Мицкоски дека ако не се брои една категорија гласачи на коалицијата „Можеме“ ВМРО-ДПМНЕ има подобар резултат е само во судир со унитарниот карактер на државата и го урива идеалот на Илинденците. „Минимум за тоа дека сме ја сфатиле пораката на гласачите е да се држиме до најавеното пред изборите. Во спротивно, следна рунда може дури и бетер да минеме. Ако и сега некој е изненаден, тогаш никој нема да биде“, смета Поповски.

Пратеничката во заминување Даниела Рангелова смета дека е нормално, по поразот на изборите, Мицкоски да си поднесе оставка.

– Никој од членството на партијата не верува дека Мицкоски може да состави влада, како што си пресметува врвот на партијата – рече Рангелова при гостување во ТВ24.

Груевски веќе не е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Новиот Статут на партијата не предвидува почесни членови и почесни претседатели на ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека поранешниот партиски претседател и премиер Никола Груевски веќе не е носител на таа титула, исто како и неговиот претходник и основач на партијата, Љубчо Георгиевски.

– Во однос на почесни членови и почесни претседатели, овој Статут на ВМРО-ДПМНЕ такво нешто не предвидува. Ниту Никола Груевски ниту кој било друг поранешен почесен претседател повеќе според овој Статут не се почесни претседатели. Такво нешто Статутот не предвидува – објасни завчера вечер Панче Тошковски од статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ.

Идниот пратеник Антонио Милошоски преку статус на Фејсбук ги поздрави измените на Статутот како значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија, а меѓу другото го коментираше и бришењето на функцијата почесен претседател

„Во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер и слично немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните, наместо да биде врамена во плакета“, напиша Милошоски.

Груевски стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ во 2004 година, а во ноември 2018 година избега во Унгарија за да не ја отслужува двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“. Георгиевски беше претседател на партијата од 1990 до 2004 година, а потоа ја напушти и ја формира ВМРО-Народна партија, која сега е во коалиција со СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот