Париз заврши со претседателството, МНР се брани со молчење

Емануел Макрон, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен
Емануел Макрон, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен / 24 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Заврши француското претседателство со ЕУ, а во Македонија никој со сигурност не може да каже каков е статусот на т.н. француски предлог за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија за кревање на бугарското вето.

Според едни толкувања, Бугарија со прифаќањето и надополнувањето на францускиот предлог во Народното собрание практично го кренала ветото за Македонија и сега ситуацијата за нас е „земи или остави“ и нема да има нова преговарачка рамка. Според други, предлогот е практично „мртов документ“ исто како и португалскиот предлог, затоа што остана неусогласен од европските тела и неприфатлив за Скопје, а според трети мислења, нашето отфрлање на документот не е конечно одбивање на ЕУ и може да се очекува да се изготви нов нацрт за преговарачката рамка, при што таа може да ја има како основа француската идеја или некоја нова.

Од Франција деновиве немаше нова иницијатива во последните моменти да се прилагоди рамката за да биде прифатлива за двете страни, а засега без успех се и најновите разговори на дипломатите на МНР кои заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи пред три дена беа во Софија. Македонската Влада, пак, останува на ставот дека сè уште не е доставен официјален француски предлог, а во Бугарија деновиве има затишје на темата Македонија, затоа што вниманието го држат разговорите на нова влада, по падот на кабинетот на Кирил Петков.

Неизвесно е и дали во следните шест месеци претседавачот со ЕУ Чешка ќе се посвети на изготвување на нов предлог, затоа што земјата веќе се изјасни дека приоритет ќе им биде Украина.

Кацарска: Ќе биде тешко за Чешка да го врати тркалото назад

Симонида Кацарска, директор на Институтот за европски политики вели дека формалниот статус на преговачката рамка и генералната ЕУ позиција која циркулира низ медиумите деновиве како предлог на француското претседателство не се до крај познати.

– Во тој контекст во нашата јавност остана незабележана изјавата на канцеларот Олаф Шолц кој најави дека Германија треба да го разгледа предлогот допрва, иако начелно даде поддршка за напорите на француското претседателство.  Ова е трет предлог, после предлозите на германското и португалското претседателство кој го „живееме“ во изминатите три години и кој несомнено направи чекор кон присвојување на билатералните, пред се, историски прашања во преговарачкиот процес, што наиде кај осуда не само кај нас, туку и кај голем дел од експертската јавност во Европа – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Симонида Кацарска од Институтот за европски политики
Симонида Кацарска, Институт за европски политики / Утрински брифинг

Чешка, додава таа, го превзема претседателството со Унијата како дел од државите-членки кои најсилно се противеа на вклучување на историските прашања во заклучоците на ЕУ на самитот во декември 2020 година.

– Иако формалниот статус на предлогот не е јасен, ќе биде тешко за Чешка доколку цени дека може да го „врати тркалото назад“ кон претходните два предлози поради неколку причини. Прво, поради одобрениот статус на овој предлог во Бугарија, а второ, бидејќи Франција, Чешка и Шведска која ќе го преземе претседателството во 2023 година се дел на едно претседателско трио со Советот на ЕУ – вели Кацарска.

Според Александар Кржаловски, директор на Македонски центар за меѓународна соработка, сега сме во прилично безизлезна ситуација затоа што Бугарија веќе го прифати францускиот предлог и ги дополни условите со четири нови барања, кои може да се очекува дека ќе бидат вградени вградени во конечната верзија на предлогот.

– Таа конечна верзија би требало да ни биде доставена на разгледување и прифаќање, бидејќи тешко дека ќе можеме да бараме интервенции во неа откако е усогласена и усвоена од земјите-членки. Но, што со тоа, кога ние веќе и официјално со изјавата на премиерот Димитар Ковачевски во Брисел ја отфрливме уште во изворната форма, а не пак со новите барања. Дополнително, јавната и прилично сеопфатна осуда и одбивање на предлогот не дава надеж за некакво продолжување на процесот, особено не во догледно време, или како што и некои европски аналитичари и новинари констатираа – Бугарија навидум го подигна ветото, но всушност го засили со вградување на своите услови во преговарачката рамка и со дополнителните барања од Парламентот – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Кржаловски: Бугарија ќе биде уште понепопустлива

Кржаловски вели дека единствена мала можност, ако воопшто е можност, гледа во интерпретацијата на некои од познавачите на пристапниот процес, кои се малцинство, дека во самата рамка и нема одредби кои се целосно неприфатливи за нас или се истоветно или слично формулирани и во други случаи, како на пример во Србија или Црна Гора, а проблемот е единствено во т.н. протокол, кој  е билатерален документ меѓу Бугарија и Македонија.

– Протоколот се уште не е усогласен меѓу двете земји. Логиката е дека се што не ни се допаѓа треба допрва да го испреговараме со Бугарија, но и во тој случај не гледам многу простор за напредок, бидејќи во новонастанатава ситуација Бугарија има уште помалку причини да биде попустлива. Веројатно ги чекаат и нови избори, па и ќе нема кој да преговара. Се на се, слично на ситуацијата со Преспа, а и како што веќе неколку колумнисти аргументираа, ќе ни остане изборот да „земеме или оставиме“. Аргументите да „земеме“ се дека понатаму ќе дојдат само полоши предлози. Огромно мнозинство се да „оставиме“, со аргументи дека ова е преседан, малтретирање, па и булинг од Бугарија, дека прифаќањето е недостоинствено и против нашите национални интереси, со несогледливи последици од ломови во општеството – вели Кржаловски.

кржаловски
Фото: Александар Кржаловски, директор на МЦМС

Тој смета дека Чешка нема посебно да се занимава со ова прашање и не очекува дека другите земји-членки ќе се ангажираат и потсетува дека нашите пријателски земји не интервенираа на Самит, ако не во наша полза, барем да не се прифати „францускиот предлог“ како рамка за понатаму и покрај нашето експлицитно несогласување.

Од МНР вчера не соопштија став по повод крајот на француското претседателство од кое се очекуваше многи и не појаснија каков е статусот на францускиот предлог откако Бугарија условено го прифати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот