Паолучи: Растот на економијата ќе се враќа како што ќе слабее пандемијата

Растот не економијата се очекува да се враќа како што ќе слабее пандемијата. Под претпоставка дека нема да има нови ограничувања на движењето и нема да има нови бранови на Ковид-19 во текот на претстојната зима, растот во 2021 година би требало да стане позитивен и да достигне ниво од 3,6 проценти.

Ова го наведува новиот директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава Масимилиано Паолучи во интервју за МИА, кој додава дека краткорочните изгледи се позитивни, но со нагласени надолни ризици.

-Фазата на ограничување сѐ уште не е завршена, а подолгиот период на спроведување на политиките на социјално дистанцирање ќе влијае врз фирмите, приходите на домаќинствата и трошењата во здравство, истакнува Паолучи.

Тој порачува дека економските и социјалните мерки за надминување на кризата ќе треба да бидат главниот приоритет на властите. Сепак, смета, потребно е да се посвети соодветно внимание и на спроведувањето на фискални реформи, како и реформи за подобрување на конкурентноста, животната средина и управувањето со цел да се унапреди економското закрепнување и фискалната стабилност, истовремено забрзувајќи го процесот на пристапување кон ЕУ.

Оценува дека во сегашното затегнато фискално опкружување, Владата треба да ја разгледа можноста за приоретизирање на расходите со намалување на трошењата кои не се приоритет, фокусирање на поедноставни фискални мерки кои се добро таргетирани, транспарентно спроведени и временски определени. На овој начин, истакнува, ќе се обезбеди простор за поголеми капитални трошења во иднина, што треба да биде поддржано со подобрувања во постапките за управување со јавните инвестиции.

За финансирањето на потребите на државата, вели дека Владата беше проактивна и ги обезбеди потребите за финансирање за 2020 година. Меѓутоа, додава, кризата сѐ уште е далеку од завршена и има значителни потреби за финансирање за 2021 година, како за отплата на кредити и обврзници кои доспеваат, така и за можното продолжување на поддршката на економијата.

Во однос на банкарскиот сектор во интервјуто наведува дека за во иднина, домашниот финансиски сектор би требало да биде во позиција да го поддржи закрепнувањето бидејќи банкарскиот систем во земјата е стабилен, добро капитализиран и профитабилен.

Потенцира дека поддршката од Светска банка останува и понатаму.

-Обезбедивме, вели,  финансирање и техничка помош за надминување на непосредните последици од пандемијата и остануваме посветени да работиме заедно со властите, со приватниот сектор, со граѓаните во Северна Македонија и со други развојни партнери за да помагаме на земјата во справувањето со пандемијата и во спроведувањето на плановите за закрепнување.

Во интервјуто директорот на Канцеларијата на Светска банка се осврнува и на најавите за можноста за откуп на пензискиот стаж, како и за состојбата во образованието.

Вие сте новиот прв човек во Канцеларијата на Светска банка во Скопје. Какви се вашите оценки за економската состојба во земјава?

Ја преземав оваа позиција во сред кризата со ковид-19, кога земјата се соочува со далекусежните последици на пандемијата и несигурни изгледи за одржливо закрепнување. Пред кризата, економијата добро функционираше со раст од над 3 проценти, предводен од инвестициите и потрошувачката, а јавните финансии се стабилизираа по години на високи дефицити и зголемување на долгот.

Северна Македонија се справува со најдлабоката рецесија од 2001 година. Робусниот раст од 3,2 проценти во 2019 година доби обратна насока со појавата на пандемијата. Ограничувањето на движењето, нарушените синџири за снабдување, како и продолжена неповолна епидемиолошка состојба во текот на целото лето ги влоши и онака неповолните проекции за раст. Во првата половина од годината растот се намали за 6,4 проценти: производството се намали за 16,1 проценти со раст во само мал број области. Трговијата, туризмот и транспортот кои беа двигател на растот веќе неколку години, заедно се намалија за 12,3 проценти – туризмот едноставно замре. Последните расположливи податоци укажуваат на тоа дека закрепнувањето на трговијата кое почна во јули, кога економијата почна да се отвора, ќе биде многу бавно. Индустриското производство и понатаму е намалено за околу 9 проценти. Раст беше забележан единствено во јавниот сектор, земјоделството и информатичката индустрија.

Ваквите неповолни потреси доведоа до отпуштања на вработени и зголемување на невработеноста, што беше донекаде ублажено со мерките на Владата за субвенции за задржување на работа и за социјална заштита. Сепак, ова негативно влијаеше на фискалните сметки, што заедно со намалувањето на приходите ќе го зголеми фискалниот дефицит над 8 проценти од БДП, откако четвртиот пакет мерки од Владата ќе се земе предвид. Јавниот долг сега се проектира да надмине 60 проценти од БДП до крајот на 2020 година.

Поминати се шест месеци од почетокот на кризата во Република Северна Македонија дали останувате на првичната проекција за стапката на раст на БДП за годинава и какви се изгледите за наредната?

Флуидноста на состојбата и постојаните промени не придонесуваат кон лесно и прецизно проектирање на движењето на БДП. Она што можеме да го кажеме е дека надолниот тренд на БДП е влошен поради пандемијата и може делумно да ја смени насоката кога пандемијата ќе почне да попушта. Имајќи го тоа предвид, првично очекувавме дека закрепнувањето ќе продолжи во јули. Меѓутоа, продолжената неповолна епидемиолошка состојба и мерките за ограничување во добар дел од летниот период предизвика дополнително намалување на побарувачката и нарушување на синџирите за снабдување, вклучувајќи и затворање на фабрики. Вториот бран  КОВИД-19 ги затемни изгледите бидејќи го наруши производството, додека пак, во исто време, социјалното дистанцирање ја ограничи потрошувачката. БДП за 2020 се очекува да се намали за 4,1 проценти (или 4,6 проценти со оглед на неодамнешните измени на историските податоци за БДП), а може и дополнително да се намали доколку има нови ограничувања на движењето како одговор на зголемените стапки за зараза.

Краткорочните изгледи се позитивни, но со нагласени надолни ризици: фазата на ограничување сѐ уште не е завршена, а подолгиот период на спроведување на политиките на социјално дистанцирање ќе влијае врз фирмите, приходите на домаќинствата и трошењата во здравство.

На среден рок, растот се очекува да се враќа како што пандемијата ќе слабее. Политичката стабилност по парламентарините избори, заедно со отпочнувањето на преговорите за пристапување во ЕУ се очекува да ги забрзаат реформите и да ја зголемат довербата на инвеститорите, така што откако ќе заврши кризата растот побрзо ќе се поврати. Под претпоставка дека нема да има нови ограничувања на движењето и нема да има нови бранови на КОВИД-19 во текот на претстојната зима и пролет, растот во 2021 година би требало да стане позитивен и да достигне ниво од 3,6 проценти. Сепак, брзината и силината на закрепнувањето ќе зависи од времетраењето и распространетоста на пандемијата, дистрибуцијата на вакцини, како и од чекорите и политиките кои властите ќе ги преземат за надминување на структурните слабости.

Економските и социјалните мерки за надминување на кризата ќе треба да бидат главниот приоритет на властите. Сепак, потребно е да се посвети соодветно внимание и на спроведувањето на фискални реформи, како и реформи за подобрување на конкурентноста, животната средина и управувањето со цел да се унапреди економското закрепнување и фискалната стабилност, истовремено забрзувајќи го процесот на пристапување кон ЕУ.

Дали политиките и мерките што ги преземаат домашните власти се доволни и даваат резултати и дали економијата може да ја издржи на подолг рок состојбата со коронавирусот?

Владата одговори брзо со спроведување времени мерки за поддршка на компаниите како што се „меки” заеми, одложувања даноци, ад-хок поддршка за конкретни сектори, заштита на работните места и помош на ранливите категории. Субвенциите насочени кон зачувување на работните места го ублажија влијанието на мерките за ограничување и помогнаа да се зачуваат работните места, што се гледа од релативно благото зголемување на невработеноста до средината на 2020 година. Воспоставените мрежи за социјална заштита, исто така, помогнаа да се заштитат најранливите, иако, како и во многу други земји во светот, би можеле да очекуваме зголемување на стапките на сиромаштија поради пониските приходи од трудот и намалување на дознаките од странство.

Мерките кои владата ги спроведе беа координирани и надополнети со оние спроведени од Народната банка. Стабилниот финансиски сектор и соодветното ниво на странски резерви ѝ овозможија на Народната банка доволно простор за поддршка на економијата. Поконкретно, Народната банка спроведе низа мерки за ублажување на непосредното влијание врз компаниите со привремените промени на регулативите за управување со кредитниот ризик, со што им се овозможи на банките да ги преструктуираат заемите, ја зголеми ликвидноста на банките со намалување на износот на издадени благајнички записи и се поддржа кредитирањето со намалување на основната каматна стапка со што се ограничи зголемувањето на трошоците за задолжување. Кредитниот раст за време на пандемијата дури и се зголеми како за компаниите, така и за домаќинствата.

За во иднина, домашниот финансиски сектор би требало да биде во позиција да го поддржи закрепнувањето бидејќи банкарскиот систем во земјата е стабилен, добро капитализиран и профитабилен. Адекватност на капиталот на банките е двојно поголем од задолжително потребниот, а ликвидноста во системот е на високо ниво, што би требало да им обезбеди на банките доволно простор за проширување на нивните активности за кредитирање. Битно е властите да продолжат со спроведувањето на политики кои дополнително ќе ја зајакнат отпорноста на системот, како што се подобрување на постојната законска рамка за разрешување на банки и подготвеност за криза, дополнително зајакнување на системот за осигурување депозити, подобрување на рамката за корпорациска несолвентност и воведување модерна рамка за финансиска заштита на потрошувачите.

Мерките кон стопанството што ги презеде Владата и што ќе ги преземе сега со четвртиот пакет се за поддршка на економијата и задржување на работните места, но како ги оценувате мерките кон граѓаните со платежните картички и дали ќе може да се исфинансираат сите мерки и дали тоа нема да направи притисок врз јавниот долг и можноста за негово сервисирање?

При осмислувањето на мерките мора да се има предвид расположливиот фискален простор и различните поволности и неповолности на краткорочните мерки за ублажување во однос на потребите од долгорочна поддршка. Обезбедувајќи краткорочни мерки за ублажување со кои се премостува ликвидноста на погодените фирми, Владата треба, исто така, да зачува одреден простор за фазата на закрепнување, бидејќи поддршката ќе биде потребна и на среден рок.

За јавните финансии повторно да бидат вратени на одржлива патека потребни се значителни напори како на страната на расходите за да се сведат на минимум непотребните трошења и да се прошири базата на приходите, така и од страната на финансирањето за да се покријат сѐ поголемите потреби за финансирање.

Во сегашното затегнато фискално опкружување, Владата треба да ја разгледа можноста за приоретизирање на расходите со намалување на трошењата кои не се приоритет, фокусирање на поедноставни фискални мерки кои се добро таргетирани, транспарентно спроведени и временски определени. На овој начин ќе се обезбеди простор за поголеми капитални трошења во иднина, што треба да биде поддржано со подобрувања во постапките за управување со јавните инвестиции.

Падот на приходите предизвикан од намалувањето на економската активност, како и одложената наплата на некои даноци дополнително се влошува поради акумулираните системски слабости, како што се ниски даночни стапки, значителни ослободувања од даноци и неефикасност при наплатата на даноците. Имајќи го тоа предвид, зголемувањето на приходите е од суштинско значење, забележувајќи дека земјата има еден од најниските соодноси помеѓу приходите и БДП во Европа и во регионот на Западен Балкан. Ова може да се направи со зајакнување на даночната админстрација и намалување на неформалната економија, олеснување на усогласеноста со даночните обврски, рационализирање на даночните ослободувања и ревизија на даночните политики каде што оданочувањето во однос на животната средина е многу пониско во споредба со придонесите за социјално осигурување.

Во однос на финансирањето, Владата беше проактивна и ги обезбеди потребите за финансирање за 2020 година. Меѓутоа, кризата сѐ уште е далеку од завршена и има значителни потреби за финансирање за 2021 година, како за отплата на кредити и обврзници кои доспеваат, така и за можното продолжување на поддршката на економијата.

За во иднина, иако ублажувањето на краткорочното влијание на кризата и понатаму е главен приоритет, со цел да го зголеми својот потенцијал Северна Македонија треба да го обнови својот фокус на структурните реформи откако кризата ќе заврши. За зголемување на инклузијата и продуктивноста потребно е зајакнување на јавните институции кои го штитат владеењето на правото, истовремено зачувувајќи ја и зајакнувајќи ја конкурентноста на приватниот сектор, реформите во правосудството, надминување на разликите помеѓу понудата и побарувачката на вештини, како и подобрувањето на јавните услуги за зголемување на човечкиот капитал. Во основа, реформирањето на јавната администрација, зајакнувањето на управувањето со јавните инвестиции и рационализирањето на управувањето со компаниите во државна сопственост директно ја поддржува продуктивноста на приватниот сектор, истовремено унапредувајќи ја фискалната прудентност. Таквата комбинација на структурни реформи ќе придонесе за остварување на посилен, порамномерен и поодржлив раст и, на тој начин ќе обезбеди побрзо приближување кон ЕУ и поголема отпорност на сите идни надворешни шокови.

Со поддршка од Светска банка се спроведуваат повеќе проекти во земјава. Колкава е поддршката во моментов и кога ќе бидат достапни средствата што беа насочени за помош со вирусот КОВИД-19?

Светска банка е посветен партнер на Владата на Република Северна Македонија повеќе од 25 години. Од првиот заем, групацијата Светска банка инвестираше повеќе од 2 милијарди американски долари во Северна Македонија, спроведувајќи проекти и обезбедувајќи техничка помош во различни сектори, вклучително во енергетика, земјоделство, образование, патишта, здравство, социјални политики, иновации и макроекономија.

Минатата година, Светска банка ја одобри четиригодишната Рамка за партнерство со Република Северна Македонија, чија цел е поддршка на земјата за постигнување инклузивен и одржлив раст и создавање поголеми можности за подобрување на животниот стандард на луѓето и забрзување на конвергенцијата на приходите кон приходите во Европска унија.

Денес, повеќе од било кога, нашата посветеност на луѓето во Северна Македонија е силна.

Обезбедивме финансирање и техничка помош за надминување на непосредните последици од пандемијата и остануваме посветени да работиме заедно со властите, со приватниот сектор, со граѓаните во Северна Македонија и со други развојни партнери за да помагаме на земјата во справувањето со пандемијата и во спроведувањето на плановите за закрепнување. Во изминатите месеци, одобривме проект поврзан со КОВИД 19 во износ од 90 милиони евра и се надеваме дека наскоро ќе биде ратификуван од страна на Собранието, со оглед на неговата важност за надминување на здравствените и на социјалните последици на пандемијата. Овој проект има две компоненти. Првата компонента се однесува на капацитетите на земјата за откривање, спречување и одговор на КОВИД-19, истовремено зајакнувајќи го националниот здравствен систем на земјата. Втората компонента предвидува обезбедување привремена поддршка на приходите за квалификувани лица и домаќинства кои се економски погодени поради продолжените мерки за ограничување.

Исто така, исплативме и 37 милиони евра за финансирање непредвидени работи од Проектот за поврзување со локални патишта како поддршка на Владата да обезбеди привремена поддршка на одржливи мали и средни претпријатија и да покрие 50 отсто од придонесите за социјално осигурување за вработените на активните фирми во секторите кои се најмногу погодени од кризата, како што се туризмот и транспортот.

Најавени се пензиски реформи и одење во пензија за сите над 62 години, за жени и 64 години мажи. Како ја оценувате оваа реформа?

Навистина, јавната дебата беше интензивна, но до денес, не сме виделе конкретен предлог. Поради оваа причина, мојот коментар се заснова на она што е од јавен домен и што сме согледале ширум светот. Искуството во други земји покажува дека забранувањето, односно отежнувањето на вработувањето над веќе и онака ниската возраст за пензионирање од 62 години за жени и 64 години за мажи; повторното воведување предвремено пензионирање, кое беше укинато пред повеќе од една деценија и овозможување откуп на стаж неизбежно ќе доведе до порано одење во пензија. Придвижувањето во насока на подолг период во пензија во споредба со бројот на години на работа ќе чини многу и ќе може да се финансира само со наметнување повисоки стапки на придонесите за пензиско осигурување, зголемување на постојните или воведување нови даноци за поддршка на исплатата на пензиите или намалување на идните пензии.

Сите овие се мерки кои не се популарни и кои традиционално се соочуваат со силен отпор доколку се донесат. Не е за изненадување дека земјите ширум светот се одлучуваат пропорционално да го продолжат периодот на работење, често пати автоматски. Пензискиот систем на Северна Македонија се соочува со истиот предизвик. Менувањето на насоката на јавните политики усвоени во минатото би можело да изврши дополнителен притисок на домашниот пензиски систем.

Исто така, има уште еден аспект на оваа дебата кој треба да биде земен предвид. Каде што е усвоено, намалувањето на возраста за пензионирање често пати се оправдува со аргументот дека тоа би имало позитивно влијание врз создавањето работни места, особено за младите. Доказите на меѓународно ниво покажуваат дека ова не е секогаш така (во економската терминологија овој парадокс е познат како „заблудата за неизменетиот обем на работа” (lump of labor fallacy)). Поконкретно, кога се споредува структурата на работните места кои згаснуваат со ново создадените работни места и потребните вештини и знаења, дури 75 отсто се некомпатибилни. Ослободувањето на постарите работници не секогаш автоматски се преточува во нови работни места за младите.

Во делот на образование, во последниот извештај оценка беше дека реформите преземени во последните 10 години не ги даваат резултатите и дека децата не добиваат соодветна наобразба. Дали тоа покажува дека воведената деветолетка не ги дава резултатите и што конкретно треба да се преземе за да се подобри ваквата слика?

Индексот на човечки капитал на Светска банка за 2020 година покажува дека дете родено во Северна Македонија денес ќе достигне само 56 отсто од својата потенцијална продуктивност кога ќе порасне во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита. Индексот на човечки капитал на Северна Македонија е понизок од просечниот во овој регион и во земјите од иста група на приходи. Слабите образовни резултати во голема мера ја објаснуваат оваа загуба на продуктивност во текот на животот. Иако пристапот до основното образование се подобри во измината деценија, квалитетот на образованието и понатаму претставува предизвик. Резултатите на Северна Македонија од меѓународните оценувања на ученици (најновото е од ПИСА) укажуваат на споредбено слабо ниво на постигнувања на учениците на крајот на пониските одделенија од средното образование, што укажува на тоа дека недостатоците во учењето кои започнуваат во основното образование опстојуваат и во подоцнежното образование. Иако земјата имаше најдобри подобрувања на резултатите од сите земји во развој во ПИСА 2018, овие резултати се скромни и се далеку под просечните резултати во земјите во ЕУ и во ОЕЦД.

Пандемијата со ковид-19 има потенцијал да ја влоши состојбата доколку не се ублажи со соодветни политики и мерки за подобрување на учењето. Во раната фаза на пандемијата беа воведени мерки за учење на далечина релативно брзо по затворањето на училиштата, но пандемијата покажа дека македонскиот образовен систем се соочува со бројни предизвици кои претходат на сеопфатна дигитализација: вклучувајќи пристап до широкопојасна интернет поврзаност, особено за маргинализираните групи на население како и населението со ниски приходи и ниско ниво на усвоени на информатички вештини.

Образовните реформи треба да ги надминат проблемите кои долго време се провелкуваат, како во однос на квалитетот така и во однос на вклученоста. Бидејќи формирањето вештини почнува уште од рана возраст, потребно е да се обезбеди поквалитетно образование уште од самиот почеток, како и порамномерен пристап за да се обезбедат подобри исходи во однос на вработувањето на младите луѓе. Северна Македонија неодамна спроведе важни реформи на предучилишното образование и грижа. За дополнително да капитализира од оваа важна инвестиција, земјата треба да инвестира повеќе и поефективно во квалитетот на наставата и средината за учење во основното образование. За таа цел, Владата треба да спроведе насочени мерки за подобрување на пристапот до основното образование и поддршка во учењето на маргинализираните групи, подобрување на системот за стручен развој и напредување во кариерата и создавање посилна рамка за следење и оценување на националниот напредок во образованието. Сепак, училиштата треба да бидат во центарот на агендата за реформи со цел да се обезбеди квалитетно учење во основното образование за сите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот