Пандев: Со Австријците имаме лошо искуство, но се надевам на добар резултат против нив на ЕП!
Австрија ќе биде првиот противник на Македонија на Европското првенство, натпреварот е на 13 јуни од 18.00 часот во Букурешт.
Во претходните квалификации се соочивме токму против Австријците, двапати загубивме од нив со резултати 1:4 во Скопје и 2:1 во Виена.
Добра причина играчите на селекторот Игор Ангеловски да им се реваншираат за тие два порази, а на тоа се надева и капитенот на националната А селекција, Горан Пандев.
– Со Австрија имаме лошо искуство. Во последните квалификации игравме два натпревари, навистина нè прегазија. Знаеме за каков противник станува збор, сигурно се фаворити во првиот меч на ЕП, но ние се надеваме дека ќе оставиме добар впечаток и ќе направиме добар резултат – вели Пандев за „Кроне“.
Воедно нашиот напаѓач вели дека за овој голем настан живее цела Македонија, репрезентацијата е како една фамилија. Енис Барди недостасува, но се надева дека фудбалерот на Леванте ќе биде на располагање за дуелот со Австрија.
– Со последните резултати сега другите репрезентации нè гледаат поинаку. Имаме наш квалитет, знаеме што сакаме на теренот, добро функционираме. Иако ја победивме Германија, тоа не треба да нè залажува, дека лесно ќе поминеме во нашата група. Ние сме аутсајдери, а кога сме аутсајдери, можеме да изненадиме – се зборовите на Пандев.