14 C
Скопје

Паметните ќе попуш(т)ат

Можеби е време наместо со научно-фантастичен да се обидеме, колку за промена, со реално спасителен проект. Да формираме политичка влада со единствена задача и цел – да ги остави експертите и сите други професионалци да си ја работат својата, а не нејзината работа.

Како и другите луѓе, и политичарите веруваат дека негде, некаде постои некој спасител, кој сам чека да го поправи тоа што тие го расипале. Не веруваат во поговорката – тоа што еден будала може да расипе, сто паметни не можат да го поправат. Во политичката митологија за таков фантом-спасител важи т.н. експертска влада во која најчесто, ако не и единствено, верува тој што е во моментот во опозиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано го нуди ова решение. „Потребна е оставка на целата влада, формирање експертска влада која ќе има задача да го стопира слободниот пад на државата, и заедно со локалните да организира и парламентарни избори. Само така оваа мафија ќе биде изведена пред лицето на правдата“, повтори неодамна.

Кој ќе ги избира членовите на таа влада – партијата, народот, пратениците, други експерти…? И како – на лидерска, на конкурс, со консензус, со надгласување, со убедување, со налог, со (не)пристојни предлози? Има многу прашања за кои нема одговор, иако го заслужуваат. Со оглед на квалитетот на интелектуалната сцена, искуството не учи дека ова празно множество наречено експертска влада може да се пополни само со експерти кои се спремни својата децениска научна и професионална кариера да ја жртвуваат за пет минути власт. Кои едвај чекаат некој спасителен повик од политичарите. Значи, со квази.

Прочитајте и...  Додик, Човиќ, Груевски и Јанша: Сите патишта на проруските политичари водат кон Орбан

Но, еве, да претпоставиме (сево ова теоретски) дека сепак ќе се најдат десетина паметни, стручни, образовани, чесни и совесни професионалци кои досега немале никакви контакти со живи луѓе и држеле дистанца од политиката. Дека ќе се (у)согласат како екипаж да влезат во сондата наречена експертска влада и од ѕвездените научни височини ќе се спуштат на земјата, за да ја спасат. Во моментот на приземјувањето, кога јавноста ќе открие дека и експертите биле – и се уште се – луѓе од крв и месо, ќе почне експресно и незапирливо да се губи вербата во нив. И, на толку очекуваниот проект му нема спас, камоли на земјата. Со право, зашто така замислен, тој не може да одговори на многу едноставни прашања. Зошто, на пример, некои чесни и паметни би прифатиле да им бидат средство за еднократна употреба на политичарите и да им организираат избори после кои ќе продолжат да владеат некои други мафијаши и будали?

Прочитајте и...  Нон-пејперот може да прерасне во „лавина од мала топка снег“

Да не зборуваме како ќе поминат како луѓе уште на влезот во владата. Тогаш кога „експертите“ за се и за секого на социјалните мрежи ќе почнат да ги оценуваат, поправо оцрнуваат, и тоа по налог на политичарите! Кога ќе тргне откривањето на нивното (скандалозно) потекло – најмалку до седмо колено; кога ќе стапи на сцена слободата на изразувањето докази за тоа кој кога и каде се сликал, со кого се дружел, што мислел „на времето“… Псовките, навредите, плукањето и омаловажувањето – гратис.

Нема ништо пофантастично од реалноста во нашата политика во која нема и-и, туку само или-или. Ако си паметен, тогаш не фаќаш работа со будали, ако се нафаќаш, тогаш докажуваш дека не си баш паметен. Ако си склон кон политика, тогаш ќе паднеш и, заслужено, ќе останеш запаметен како политичар. Или, во најдобар случај, како експертутка. Не мора Мицкоски да се враќа во историјата за да ја провери трагичната судбина на паметните во соработка со политичарите. Може да ѕирне во сопствениот двор (во Г. Силјановска, да речеме) и да се праша: зошто јас, Христијан Мицкоски, експерт за „Управување на манипулациони роботи со примена на fuzzy логика“, сум станал партиски лидер и како? Зошто, ако веќе ги ценам стручњаците, формирам Патриотски институт, а не експертски комитет, што ќе ја изведе мафијата пред лицето на партијата, ќе го запре нејзиниот слободен пад и ќе ја подготви за да победи на локалните и, евентуално, на парламентарните избори?

Прочитајте и...  Бујар Османи води Твитер политика на своја рака?

Можеби е време наместо со научно-фантастичен да се обидеме, колку за промена, со реално спасителен проект. Да формираме политичка влада со единствена задача и цел – да ги остави експертите и сите други професионалци да си ја работат својата, а не нејзината работа.

Поврзани вести

Родителите и наставниците гневни за дигиталните учебници: Следна реформа ќе биде модерни училишта без наставници!

Михаило Донев

Ел Паис за Македонија: Загадувањето и загрозеното природно и културно наследство се загрижувачки

Југослава Дуковска

Сите фирми не може да земат помош за плати: Еве кои можат

Февруарска плата сѐ уште не добиле 9.947 работници, а мартовска – 54.662

Весна Дамчевска

Вања има 27 години и се бори со рак, Ема на 22 години има Прадер Вили синдром: За нив нема вакцини затоа што се млади

Мирослава Бурнс

ВИДЕО | Николовски: Не се прекршени протоколите, пратеници имаат должност и обврска да му служат на народот

Остави Коментар