Палевски одговара на бројните прашања од адвокатот и тврди дека убиството на Вања ќе остане неодгатнато
Со одговори на над 30 прашања од неговиот адвокат, Јовица Страшевски и без дополнителни докази првообвинетиот за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчово својот исказ пред судот им се спротивстави на доказите и аргументите на Обвинителството кое го товари дека тој е убиецот на жртвите. На рочиштето во судот тој на долго ги анализираше и се спротивставуваше на доказите на Обвинителството, но и на исказите што пред него ги дадоа другите обвинети, конкретно обвинетите Велибор Манев и Влатко Кешишев. Доказите на обвинителството ги прогласи за фалсификати и порача дека не може човек да биде прогласен за виновен само со искази, без материјални докази.
Препорачано
-Не може да се прогласи човек за виновен, доколку, покрај изјава, нема материјален доказ. Но, материјалниот доказ е оспорен со два државни сервери од кои произлегле докази со кои се докажува дека времињата на видеото се неточни – рече Палевски.
На денот кога беше убиена Вања, Палевски тврди дека читал вести, пиел кафе, го шетал кучето и бил во банка.
– Потоа го изнесов кучето во дворот, пиев кафе и се подготвував да излезам, читав вести и после 10 часот се упатив кон Халк банка. Напоменувам, Кешишев не беше во куќата. Помислив дека најверојатно заминал за Штип, што беше вообичаено. Се враќаше идниот или следниот ден, не беше ништо чудно што го нема. Потоа со белото „фиат добло“ од штабот, преку Рампа, Кисела Вода, Парламентот, Клуб на пратеници, свртев по Ленинова, па преку Буњаковец и школото „Песталоци“, на улицата Иван Милутиновиќ свртев десно на улицата Рајко Жинзифов и на крајот од таа улица, кон Партизанска, изгубив десетина минути да се паркирам, по што влегов во Халк банка. Имаше гужва, работеа два шалтера. Додека чекав, се сретнав со стар познаник, Мартин Панчевски, кој го предложив за сведок, но го повлеков предлогот. Вршев плаќања за здружението Десна република, а не за партијата Десна. Платив за хост на неколку домејни кои ги поседува здружението Десна република, како и закуп за декември 2023 на Васко Ристовски, сопственикот на куќата. По завршување на тие трансакции, од кои првата беше околу 11.30, а втората во 11.44, заминав во куќата на Киро Крстевски Платник, каде сум роден и каде ОЈО направи претрес на 03.12.2023. Таму се задржав околу 40 минути, разговарав со моето семејство и ги платив сите обврски на фамилијата за интерент, струја, вода, телефони. Потоа заминав на Бит-пазар, карши пазарот од автомат на Стопанска банка извадив 10.000 денари, за да можам да најдам и да купам грејач, за да го поправам котелот во партијата за да се пали самиот. „Фиатот добло“ го паркирав околу 13 часот над пазарот, каде исто така има камери и е јавен паркинг. Потоа барав грејач и во неколку дуќани во Чаир, не најдов и се вратив во штабот. Попладнето имав неколку состаноци со членови на партијата и вечерта околу 12 ми заврши работниот ден и легнав да спијам – рече Палевски.
И претходно Палевски тврдеше дека на денот на убиството на Вања тој бил во Халк банка околу пладне, но според Обвинителството девојчето беше убиено уште во 9.30 часот.
Но, своите досегашни тврдења засега ги засноваше само на доказите на Обвинителството, додека како што изјави и неговиот адвокат тие нема да предложат свои докази со кои ќе ги побијат доказите на Обвинителството.
-Ние се обидовме да побараме доказ од банката (од Халк банка?, но за жал не ни беше доставен затоа што ненавремено обвинителството го побарало. Таков беше одговорот од банката. И дел од доказите што сакавме ние да ги презентираме, од страна на судот ни беа одбиени со одговор дека се веќе презентирани. Сами бевте присутни како јавност дека обвинителството за жал за вакво сериозно дело наместо да презентира докази се обиде да прошверцува со читање на наслови на докази, да се поминат само – рече неговиот адвокат Страшевски.
Тој тврди дека му се монтираат убиства од страна на Обвинителството, како и дека „прашањето за киднапирањето и класичното убивање на Вања ќе остане неодговорено благодарение на истрагата на началникот на Единицата за насилен криминал, Дејан Димовски“.
-Изјавите на Кешишев се измислени за потребите на оваа криминална истрага, под раководство на Дејан Димовски, началникот на Единицата за насилен криминал. Освен земање изјави со ќотек, што оваа истрага ја претвори во Гвантанамо стил, и со технологија на рекла-казала на Дејан Димовски, истрагата е уништена и ОЈО е ставено пред свршен чин да брани и да докажува што е многу тешко. Прашањето за киднапирањето и класичното убивање на ова дете ќе остане неодговорено благодарение на истрагата на Дејан Димовски – рече Палевски.
Според него, криминалниот ум би ја убил Зорица Ѓоревска, а не Вања Ѓорчевска, затоа што целокупниот имот на тоа семејство, би преминал во сопственост на законскиот старател Александар. – Овој нелогичен и недокажан мотив е полн со индиции кои укажуваат на мене, затоа што јас сум ја градел и продавал таа зграда – рече Пачевски.
Дента кога бил убиен Жежовски на 22 ноември Палевски тврдеше дека бил во штабот на партијата, спремале кривична пријава, дека поправал котел. За убиството на Жежовски всушност прстот го впери во обвинетиот Велибор Манев. Ниту го знаел ниту имал слушнато за Жежовски, но анализирајќи ги доказите на Обвинителството констатирал дека Манев и Жежовски немале недоразбирање само за бекатон коцки, туку Жежовски имал кривични пријави против Манев и претставки до Советот на јавни обвинители затоа што велешкото обвинителството го штитело Манев.
-Не знаев дека постои тој човек, никогаш ниту директно, ниту индиректно сум имал каква било комуникација, но читајќи ги списите од истрагата, научив многу за тој човек. Наивните објаснувања на Манев за Жежовски се површни и неточни. Постои повеќе од кавга за бекатон коцки, бидејќи единственото нешто што е одземено од куќата на Панче се токму списите. Во тие списи постои кривична пријава од Панче кон Велибор Манев, поплаки и пријави до МВР и СВР Велес и претставки до Советот на јавни обвинителства до Коле Штериев. Во тие претставки е точно опишано што се случувало. Во претставките до Советот на јавни обвинители Панче тврди дека Велибор Манев е под заштита на ОЈО Велес – рече Палевски.
Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.
Според Обвинителството, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.


