Фото: Инстаграм/Миле Кузмановски

„Пак ќе се расплачам“: Миле Кузмановски отворено за вториот брак и трнливиот животен пат

Миле Кузмановски ја отвори душата за моментот кога решил да се ожени повторно, по загубата на првата сопруга Верче која почина од канцер во 2012 година.

Шест години потоа, фолк-пејачот кој го нарекуваат златното грло на македонската песна се ожени со Јасмина. со која ја имаат ќерката Ева. Неговите ќерки Ана и Јана се возрасни, а пејачот вели дека помалата сестра им е милениче.

Кузмановски го раскажа целиот свој трнлив пат во емисијата „Никој да не знае“ на телевизија Тема, која ја води Катерина Тодевска – Спасиќ. Пејачот откри и дека имал трнлив животен пат и настапувал секоја вечер без престан, седум години.

На прашањето: „Дали беше тешка или лесна одлуката за нова сопруга, за нова љубов, или дојде сама кога најмалку ја очекуваш?“, пејачот одговори дека тоа не се планира.

„Тоа или ти се случува или не. Буквално, не сум размислувал на таа тема дали да или не. Сакав децата да бидат добро, сакав само да се среќни, а мојата мисија беше да трчам, да работам, да се борам за нив и тоа е тоа. И фала му на Господ ете, се најде сродна душа со која можам да поделам, да споделам, па ете се роди Ева. Тоа е едно богатство, три ќерки. Интересно е, некогаш се нервозни, некогаш е добро, се смееш, некогаш има проблеми, нормално како и секој живот“, рече пејачот а потоа откри дека неговата сопруга Јасмина е многу блиска со двете повозрасни ќерки и ги советува околу важните одлуки.

„Тие си се поддршка, се советуваат, разговараат. Тоа е многу важно. Некогаш кога е нешто битно, прашуваат и бараат совет но полесно се разбираат со нивните женски проблеми. Јас сум од тој аспект малку заштитен. Мене само ми соопштуваат“, рече пејачот низ насмевка, па додаде: „Двете ќерки ми се веќе возрасни. Помалата Ева е сега најинтересна и е галениче на сите, морам да признаам, сите ја ‘тинтраме’, скопски кажано, и мислам дека е среќно дете. Добра е, учи, интелигентна е, си ги брка своите работи, а ќерките „од мали се големи“.

Кузмановски се наврати на славеничкиот концерт кој го одржа на 24 декември во Скопје и на изненадувањето од најблиските кое го расплака на сцената. Тие снимија видеа во кои кажаа колку им значи и колку го сакаат.

„Кога ќе се сетам за овие изненадувања со нивни снимени материјали… 35 години не се мала работа, и тие направиле нешто без да знам јас. Она што сум го правел за нив некако го споделија со мене, дека се благодарни. Пак ќе се расплачам“, рече пејачот.

„Ред солзи, ред љубов, ред среќа, таков е нашиот живот“: Миле Кузмановски се расплака на концертот по пораките од сопругата и од трите ќерки

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот