„Ред солзи, ред љубов, ред среќа, таков е нашиот живот“: Миле Кузмановски се расплака на концертот по пораките од сопругата и од трите ќерки
Миле Кузмановски се расплака на концертот во Националната опера и балет со кој вчера прослави 35 години на сцената и го прослави својот 54. роденден.
Препорачано
Двете возрасни ќерки, близначките Ана и Јана од бракот со првата сопруга Вера која почина од рак во 2012 година, помалата ќерка Ева која има осум години и сопругата Јасмина, го изненадија со емотивни видеочеститки за роденденот, по што легендарниот фолк-пејач се расплака.

– Помешај малку среќа и малку тага, ете како твојата песна, таков е и нашиот живот: ред солзи, ред љубов, ред среќа. Но, убав е, вака или онака поминаа 12 години. Се сеќавам пред 11 години, кога ја имавме истата еуфорија кога го подготвувавме твојот претпоследен концерт. Денеска верувам дека ќе бидеш оној кој навистина си, затоа што единствено кога пееш си само ти. Јас ти посакувам многу среќа, многу радости и многу љубов да доживуваш понатаму со нас. Да нѐ чуваш, а ние уште повеќе да те чуваме. Благодарана сум ти за сѐ што правиш за нас, а најмногу сум ти благодарна за нашата најголема љубов, тоа е нашата Ева – рече сопругата Јасмина Кузмановска.

Малата Ева му рече на татка си дека многу го сака и му посакува убав роденден и убав концерт.
– Многу сум ти благодарна за тоа што си мојата сила и поддршка и мојот ветер во грб. Ти си човек кој е привилегија да се познава и да се има во својот живот, а особено е привилегија да се има таков човек за татко. Сега сакам да ти ги честитам 35 години кариера, многу години, години исполенти со многу работа, труд, емоции, предизвици, посветеност и издржливост. Горда сум на тебе и те сакам- рече ќерката Ана.

– Низ целиот живот си бил тука за твоите најблиски. Си бил тука како човек, како син, како татко, како брат, како другар и како сопруг. Апсолутно секоја меморија, особено од детството ми е поврзана со тебе и во ниеден момент не сакам да биде поразлично. И ти си заслужен за тоа каков човек сум јас денес. Мене не ми преостанува ништо друго освен да бидам горда дека баш ти си мојот татко. Ти посакувам најсреќен роденден, да ти се исполни секоја желба. Буквално ти посакувам што би си посакала сама на себе – рече во пораката ќерката Јана, која заедно со двете сестри и со сопругата на Миле, Јасмина, седеше во првиот ред.
Миле Кузмановски ја остави душата на сцена на концертот, а ништо помалку не се очекуваше од пејач како него. Салата беше полна со негови обожаватели и пријатели, кои како да му се дојдени дома, му довикуваа „Среќен роденден“, ги бараа омилените песни, а тој на својот познат шармантен начин на сите им одговараше и им ги исполнуваше желбите. Концертот почна со неговата балада „Роман“, за која во 2013 година рече дека е автобиографска, по загубата на сопругата. На видеобим се појави видео од оваа песна, а на крајот пишуваше „За спомен на Верче“. Токму баладите се обележје на Миле Кузмановски како вокал, а најмногу големиот хит „Не кани ме“ кој на крајот им ги насолзи очите на сите во салата.
Концертот имаше и весели делови, моменти кога публиката заигра.
„Јас сум богат човек што ве имам вас“, рече Кузмановски гледајќи накај сопругата и децата, а потоа ги рашири рацете кон целата публика. Како уште едно изненадување, тој доби торта од „Роса продукција“, организаторите на концертот.
Прва гостинка беше Сузана Спасовска која испеа песна од Јонче Христовски, а Миле ѝ рече: „Никако да не го заборавиме дедо Јонче“. Бојана Скендеровски ја запеа „Заветна“, а откако пејачот претходно ни рече „направив интересна кобинација на гости“, публиката ја развесели и неговиот колега Спасен Силјановски. Настапи и Огнен Здравковски, кој беше во публиката, а Миле го покани да им се придружи на сите на крајот. Концертот беше посебен и по тоа што го придружуваше „Битолски оркестар Дива“ со кој диригираше Владимир Димовски.

Публиката беше сосема во право кога на крајот коментираше дека ова може да го направи само голем мајстор, „пејачиште“ како него.


