Паѓа владата наметната од Макрон
Кога ќе ѝ изгласаат недоверба на владата, претседателот Макрон не може да го распушти парламентот до јуни 2025 година, затоа што тоа веќе го направил во јуни годинава
Француските левичарски и десничарски партии ги здружија силите за да ја соборат владата на премиерот Мишел Барние, наметната од претседателот Емануел Макрон.
Центристот Барние беше шокантен избор за премиер на малцинска влада, по изборите на кои победи левиот блок. Владата некако функционираше со поддршка од екстремистичката партија Национален собир на Марин ле Пен, заради што мораше да ги приспособува потезите и мерките. Политичкото умилкување заради поддршка издржа едвај три месеци. Десницата се спротивстави на предложениот буџет, а Барние одби да ги прифати забелешките, осудувајќи ја така владата на сигурна егзекуција.
Соочен со противења и без гласови од мнозинството пратеници, Барние се повика на членот 49 од Уставот, кој ѝ овозможува на владата да наметне закон без да бара поддршка од Парламентот. Но, повикувањето на членот 49 им дава право на пратениците итно, во рок од 24 часа, да побараат гласање за доверба на владата, кое мора да се одржи во рок од 48 часа. И левичарскиот блок Нов народен фронт и десничарскиот Национален собир побараа гласање за недоверба на владата, што значи дека премиерот Барние уште утре може да стане поранешен.
Ова, всушност е епилогот на политичкиот комар на претседателот Макрон да ги спаси центристите по катастрофалниот резултат на изборите за европратеници. Макрон во јуни свика предвремени избори, на кои на големо изненадување победи блокот НФП, во кој се здружија партии од целиот левичарски политички спектар, од умерените социјалисти до радикалната ЛФИ на чело со Жан-Лик Меленшон. Центристите на Макрон беа второпласирани, пред РН на Ле Пен.
Уште поголемо изненадување беше кога Макрон, по долга пауза поради Олимписките игри во Париз, реши да не му го даде мандатот на Меленшон, чиј блок освои најмногу пратенички места. Очекуваната поддршка од десничарите, владата на Барние ја „купуваше“ со низа мерки особено за борба против криминалот и имиграцијата. Но, Националниот собир го отфрли предложениот буџет скроен со цел да го запре растот на дефицитот. Во последен обид да ја спаси владата, Барние ги повика пратениците да го поддржат буџетот за да спречат „сериозни финансиски турбуленции“, но двата блока вчера потврдија дека ќе ѝ изгласаат недоверба на владата.
И тука хаосот не запира. Кога ќе ѝ изгласаат недоверба на владата, претседателот Макрон не може да го распушти парламентот до јуни 2025 година, затоа што тоа веќе го направил во јуни годинава. Тој би можел повторно да му го даде мандатот на Барние, но малку е веројатно дека ќе добие поддршка за таква провокација. Поверојатно е дека Макрон ќе им даде повеќе време на трите политички блока да направат договор за владина коалиција, што би подразбирало напори на центристичката партија да привлече кон себе партии од левичарскиот блок, како на пример умерените социјалисти. Ако, пак, партиите не можат да обезбедат сојузи што би добиле поддршка од мнозинството, на Макрон му преостануваат уште две опции – да назначи технократска влада што би ја водела Франција барем до јуни в година, кога уставно би можел да го распушти собранието.
Последната можност е и најмалку очекувана – самиот Макрон да поднесе оставка и да распише предвремени претседателски избори.
Затоа сѐ зависи од политичката одлука на Национален собир. Партијата на Ле Пен може повторно да направи пресврт и да ѝ даде последна шанса на владата на Барние, со очекување нови и уште поголеми отстапки, знаејќи дека повторно може да ја повлече поддршката на 20 декември, кога ќе биде конечното гласање за буџетот.
Каков и да биде епилогот, Франција нема да остане без власт, а државата нема да остане без пари дури и да не биде усвоен буџетот. Уставот ѝ дава право на било која влада, дури и на привремена, со наметнати закони да го држи со месеци во живот буџетот од претходната година, за да се обезбеди исплаќањето плати за јавните службеници.