Пациентка со рак на јајници не се лекува со ,,капецетабин“ и со ,,цетуксимаб“, сведочи вештакот од Словенија
Пациентка со рак на јајници во трет стадиум на Клиниката за онкологија била лекувана со лекот ,,капецетабин“ и со ,,цетуксимаб“, иако за тоа немало индикација, тврди вештакот од Словенија викнат од Обвинителството – доктор Маја Равник. Таа рече дека комбинација на лекови кај оваа пациентка предизвикала многу сериозни компликации.
Препорачано
– Рак на јајници не се лекува со капецетабин – рече вештакот од Марибор, доктор Маја Равник, додавајќи дека цетуксимаб не е индицирана терапија за рак на јајници.
Од 51 прегледано медицинско досие на пациентите од Клиниката за онкологија, според неа само во еден случај за еден пациент имало запис од конзилиумот на Клиниката за давање терапија, прекин или промена.
-Од историите е очигледно дека промените во лекувањето не биле совесно бележани и многу пати се правени без какво било објаснување – рече таа.
Зборуваше дека мултидисциплинарниот пристап во онкологијата е златен стандард и докажано е дека ако пациентот е третиран на мултидисциплинарен конзилиум тогаш ќе има оптимално лекување што се искажува преку продолжен животен век.
-Одлучувањето за изборот на лекот секогаш треба да оди преку онколошкиот конзилиум – смета вештакот.
Таа зборуваше дека пред смрт, кај пациенти со рак не се дава ни хемотерапија, ни имунотерапија, ни биолошка терапија поради токсичноста и дека требало само да се пристапи кон палијативна нега. Според вештакот ако пациентот е во слаба општа состојба, тој само се мачи ако притоа му се дава и ваква терапија.
-Агресивна онколошка терапија не се дава пред смрт и тука мислам за комплетната системска онколошка терапија – тука нема место за хемо целна биолошка и имунотерапија – рече доктор Равник.
Таа коментирајќи ги историите што ги разгледала рече дека тежината и висината на пациентите била заведувана во ретки случаи.
– За коморбидитетите имаме уште помалку информации, немаше ни хистопатолошки наоди. Документацијата беше многу некомплетна – рече Равник.
Промената на дозата или на лекот според доктор Равник не може да биде произволна туку мора да се заведе секоја промена заедно со причината (алергија на лекот, промена поради прогрес на болеста итн.)
-Ако лекот не е индициран за лекување болест значи дека нема ефект при лекувањето на таа болест. Ако фактички пациентот го прими, не може да се очекува одговор на болеста, туку само токсичност на лекот. Затоа е нужно лекување во согласност со протоколите и индикациите. Ако лекуваме без индикација, тогаш болеста е надвор од контрола, може да напредува болеста, што вообичаено се случува кај метастазирана болест и води кон дополнително влошување на пациентот заради токсичниот ефект на лекот. Прогресијата на болеста е поголем товар на ракот и исцрпување на здравиот дел од телото, влошување на општата клиничка состојба на пациентот, намалена веројатност за успешно лекување и се зголемуваат ризиците од компликации при лекувањето – рече вештакот.


