Отворање на Уставот за заштита на обвинителот од политиката, препорачува Венецијанска комисија
Додека премиерот Христијан Мицкоски најавува дека републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски по изборите ќе биде прв на листата за отстрел, стигна мислењето на Венецијанската комисија на Советот на Европа, кое дава целосна анализа на нацрт-законите за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, кои се дел од реформската агенда. Европските правни експерти препорачуваат уставни измени, како и попрецизни услови за разрешување на јавниот обвинител. Така, наместо како досега – Собранието да може да го разреши обвинителот со просто мнозинство, Венецијанската комисија бара уставни измени, односно републичкиот јавен обвинител да се бира и разрешува со квалификувано односно двотретинско мнозинство.
Препорачано
Отворањето на Уставот е како отворање Пандорина кутија
Спроведувањето на овие препораки е тешко изводливо со оглед на тоа што за да се воведат, треба да се менува Уставот, а отворањето на највисокиот конститутивен акт е како отворање на Пандорината кутија. Тоа што може да се смени се основите за разрешување на републичкиот јавен обвинител, кои во постапката за разрешување на Коцевски се покажаа како нејасни и недоволно прецизирани и на страната на извршната власт. Сепак, мислењето на Советот на јавните обвинители останува необврзувачко за Владата, а
Комисијата бара Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот.
– Венецијанската комисија препорачува, во контекст на идна уставна реформа, Уставот да се измени и во оваа точка за да се предвиди можноста таквите одлуки да се донесуваат со квалификувано мнозинство во Собранието за да се обезбеди дека одлуката за неговото разрешување одразува широк, меѓупартиски договор во Собранието и да не зависи од размислувањата на дневнополитичка основа. Понатаму, претходно, кога Собранието ја задржуваше моќта да разреши републички обвинител од неговата позиција, Венецијанската комисија истакна дека би било подобро овластувањето за поведување таква постапка да биде во рацете на друг субјект со цел да се заштити функцијата на јавниот обвинител од политичко влијание. Позитивно е што покрај овластувањето на Владата да го стори тоа (што можеби нуди мала заштита од политичко влијание), овластувањето за поведување постапка за разрешување сега му е дадено и на самиот Совет (дури и ако постоењето на обвинителско мнозинство во Советот потенцијално би можело да го заштити јавниот обвинител од каква било одговорност). Со цел натамошно подобрување на овој процес, покрај горенаведените препораки за разјаснување на основите за разрешување на јавниот обвинител, со што се ограничува дискрециското право на Владата и Собранието, и да се бара квалификувано мнозинство во Собранието за разрешување на јавниот обвинител откако Уставот ќе го дозволи ова, Венецијанската комисија препорачува експлицитно да се бара од Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешувањето на јавниот обвинител – се вели во мислењето на Венецијанската комисија.
Разрешувањето на Коцевски без јасни услови
За разлика од препораките на Комисијата, актуелната постапка против Коцевски, која е при крај, ќе заврши без јасни услови за разрешување на Обвинителот и без образложение на Владата, и покрај негативното мислење што го даде Советот за разрешувањето на републичкиот обвинител.
Венецијанската комисија препорачува менаџерските и организациските вештини да се вбројуваат во критериумите за позицијата јавен обвинител и да се предвиди дека секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна го прекинува мандатот на обвинителите.
Дополнително, се препорачува можноста две последователни негативни оценки за работењето да се отстрани од листата на „најтешки дисциплински прекршоци“ што би можеле да доведат до разрешување обвинител, како и да се разјасни дека одговорноста на јавниот обвинител пред Собранието не се однесува на поединечни обвинителски одлуки и гонења на Јавното обвинителство.
Во однос на Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, Венецијанската комисија препорачува да се преиспита времетраењето на професионалното искуство за сите членови на Советот, како и да се предвиди дека обвинителските функции на обвинителите избрани за членови на Советот се суспендирани во текот на мандатот.
„Да се обезбеди алтернатива на начинот на кој ќе се избираат членовите, со што ќе се обезбеди избор заснован на заслуги, интегритет и разновидна застапеност. Да се разјаснат концептите ‘влијае врз автономијата на јавните обвинители’ или ‘ги занемарува или не ги извршува своите функции и должности во работата на Советот’ како основа за разрешување членови на Советот на јавни обвинители. Да се вклучат дополнителни заштитни мерки за да се спречи критичните одлуки, вклучително и одлуките за предвремен престанок на мандатот на членовите на Советот, неизбежно да бидат определени од обвинителското мнозинство во Советот“, се наведува во мислењето на Комисијата.
Да се зголеми и буџетот на Обвинителството
И покрај тврдењата на премиерот дека платите што ги земаат јавните обвинители и судии не треба да се зголемат и дека и тие што ги земаат им се многу, во мислењето децидно стои дека треба да се зголеми буџетот на Јавното обвинителство.
„Износот на средствата за работењето на Јавното обвинителство изнесува најмалку 0,5 отсто од буџетот на Република Северна Македонија во предметната година, во споредба со 0,4 отсто во Законот, што е моментално на сила. Новина е што став 1 од член 105 сега предвидува поголема финансиска автономија за Обвинителството, со тоа што се предвидува Јавното обвинителство ‘независно да го одредува и управува со буџетот и да одлучува за користењето, распределбата, намената и прераспределбата на средствата’. Венецијанската комисија го поздравува тоа што Јавното обвинителство сега е исклучиво задолжено за својот буџет, како и за фиксниот минимум од буџетот доделен на Јавното обвинителство и предложеното зголемување (дури и ако речиси сите соговорници се сомневаа дали износот од 0,4 отсто некогаш е достигнат)“, пишува во мислењето.
Препораките на Комисијата не се обврзувачки, но штом владата ги бара би требало да ги примени.


