Откритие што ги менува теориите: Астрономите открија дебел атмосферски слој околу карпеста планета
Астрономите открија дебел атмосферски слој околу мала, карпеста планета што наликува на топка од жешка лава, сместена надвор од Сончевиот Систем и на 280 светлосни години од Земјата.
Препорачано
Откритието, направено со помош на телескопот „Џејмс Веб“, ја доведува во прашање сегашната теорија дека релативно малите планети, кои се толку блиску до своите ѕвезди, не можат да имаат сопствена атмосфера.
Заклучоците на тим астрономи предводени од експерти од американскиот институт „Карнеги“ претставуваат најсилен доказ досега за постоење на атмосфера околу карпеста егзопланета.
Астрономите ги објавија своите наоди во „Астрофизикал џурнал летерс“.
Планетата наречена супер-Земја „TOI-561 b“ за првпат е забележана во 2020 година и има дијаметар 1,4 пати поголем од оној на нашата планета.
Својата орбита ја завршува за помалку од 11 часа и затоа припаѓа на ретка класа на небесни тела познати како егзопланети со ултракраток период.
– Она што ја издвојува оваа планета е нејзината густина, што претставува аномалија. Таа е помалку густа од очекуваното, а составот на нејзината внатрешност не е доволен за да ја објасни оваа аномалија – рекла Јохана Теска, еден од авторите на студијата.
Научниците ја измериле температурата на осветлената страна на планетата, која достигнува 1.800 степени Целзиусови, но сепак е пониска од очекуваната за гола карпеста планета.
Еден од авторите на студијата, Анџали Пиете од Англискиот универзитет во Бирмингем, заклучи дека токму густата и нестабилна атмосфера околу оваа планета може да ги објасни сите наоди до кои дошле астрономите.


