Откриено кој додаток во исхраната може да го намали ризикот од наследен облик на рак за дури 60 отсто

Фото: Профимедиа

Истражувањето во траење од 20 години во кое учествуваа речиси илјада учесници ширум светот покажа важно откритие – луѓето со поголеми шанси да развијат одредени видови рак можат да го намалат ризикот од оваа болест за дури 60 отсто со едноставен додаток во исхраната.

Станува збор за резистентниот скроб, посебен вид скроб што поминува низ тенкото црево, а потоа се ферментира во дебелото црево, каде што ги храни корисните цревни бактерии.

Резултатите од истражувањето биле толку убедливи кога е во прашање намалувањето на ризикот од рак на горниот гастроинтестинален тракт (ГИ) што истражувачите сега сакаат да ги повторат за да се уверат дека ништо не пропуштаат.

„Откривме дека резистентниот скроб намалува многубројни видови рак за повеќе од 60 отсто. Ефектот беше најочигледен во горниот дел на цревата“, вели водечкиот истражувач и нутриционист Џон Матерс од Универзитетот Њукасл во Велика Британија.

Ракот на горниот дел на дигестивниот систем вклучува рак на хранопроводникот, желудникот и панкреасот.

„Резултатите се возбудливи, но големината на заштитниот ефект беше неочекувана, така што потребни се дополнителни истражувања за да се повторат овие наоди“, додава еден од истражувачите, Тим Бишоп, генетски епидемиолог на Универзитетот во Лидс.

Резистентниот или отпорен скроб може да се купи како додаток налик на влакна, а природно се наоѓа во низа намирници, вклучувајќи благозелени банани, овес, варени и изладени тестенини и ориз, грашок и грав.

Истражувањето било спроведено помеѓу 1999 и 2005 година и вклучувало група од 918 луѓе со состојба позната како Линчов синдром. Тоа е една од најчестите генетски предиспозиции за рак за кои знаеме, а се проценува дека околу еден од 300 луѓе го носи поврзаниот ген.

Оние што ги наследуваат гените за синдромот Линч имаат значително зголемен ризик од развој на колоректален карцином, како и рак на желудникот, ендометриумот, јајчниците, панкреасот, простатата, уринарниот тракт, бубрезите, жолчните канали, тенкото црево и мозокот.

За да се сфати како да се намали овој ризик, учесниците беа поделени по случаен избор во две групи, каде што 463 од нив несвесно добивале дневна доза од 30 грама отпорен скроб во форма на прав во текот на две години – што е приближно еднакво на земање не сосема зрела банана дневно.

Останатите 455 лица со синдромот Линч секој ден земале плацебо во форма на скроб во прав, но кој не ги содржел активните состојки.

Групите луѓе потоа биле следени во следните 10 години.

Во периодот на следење, имало само 5 нови случаи на рак на горниот дел од системот за варење (ГИ) меѓу 463 лица што земале отпорен скроб. Во споредба со 21 случај на рак на горниот дигестивен систем кај 455 луѓе во плацебо групата, тоа е прилично значително намалување.

Меѓутоа, постоела една област каде што резистентниот скроб не направил голема разлика, а тоа била групата на луѓе со рак на цревата.

Иако се потребни подетални истражувања за да се разбере за што точно станува збор, научниците рекоа: „Мислиме дека отпорниот скроб може да го намали развојот на ракот со промена на бактерискиот метаболизам на жолчните киселини и да ги намали оние видови жолчни киселини кои можат да ја оштетат нашата ДНК и на крајот да предизвикаат рак“, вели Матерс и додава дека треба да се направат дополнителни истражувања.

Испитувањето е спроведено на луѓе што веќе се генетски предиспонирани за развој на рак и не мора да се однесува на пошироката јавност, но може многу да се научи со подобро разбирање како отпорниот скроб може да помогне во заштитата од рак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот