Џин Хекман и Бетси Аракава / Фото: MediaPunch / BACKGRID / Backgrid USA / Profimedia

Откриени причините за смртта на Џин Хекман и неговата сопруга, таа починала една недела пред него

Американскиот актер Џин Хекман починал од срцево заболување, а се покажа дека боледувал и од напредната Алцхајмерова болест, пишува „Асошиејтед прес“.

Неговата сопруга, Бетси Аракава, починала од последици на инфекција со хантавирус. Вирусот може да предизвика сериозни воспаленија на белите дробови (со кашлица и отежнато дишење) или на бубрезите (со осип, болки во стомакот и понекогаш бубрежна слабост). Хантавирусот се шири преку контакт со заразени глодари или нивните измети.

Властите во петокот објавија дека Аракава починала во својот дом и дека Хекман можеби починал дури и една недела по неа. Се шпекулира дека можеби не бил свесен за фактот дека таа починала, пишува „Гардијан“.

Безживотните тела на Хекман и Аракава беа пронајдени на 26 февруари. Властите, по првичните анализи, изјавија дека нема индикации оти нивната смрт е сомнителна или последица на некое кривично дело. Во телата на сопружниците не беа пронајдени траги од јаглерод моноксид, па беше утврдено дека не починале од труење.

Џин Хекман и Бетси Аракава / Фото: – / ČTK / Profimedia

Аракава била пронајдена во бањата на нејзиниот дом. Во бањскиот ормар биле најдени шише со лекови на рецепт и расфрлани таблети. Властите нејзината смрт ја поврзале со хантавирусниот пулмонален синдром.

Како што соопштија властите во петокот, Аракава на 9 февруари отишла кај ветеринар за да го прегледа нејзиниот куче. На 11 февруари одговорила на еден мејл, а потоа заминала во шопинг. Собраните докази сугерираат дека тоа бил последниот ден кога била активна.

Срцевиот пејсмејкер на Хекман последен пат работел на 17 февруари, девет дена пред обезбедувачите и другите работници да пристигнат во неговиот дом и да ја пријават ситуацијата во полиција.

Едно од трите кучиња што ги имале било пронајдено мртво во своето лежиште во бањата. Другите две биле пронајдени живи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот