Откриени детали за несреќата во Карпош: Возачот возел пребрзо, семафорите биле исклучени

Фото: Слободен печат

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против возачот кој вчера усмрти 24-годишна девојка на пешачки премин кај трговскиот центар „Сити мол“ во скопската населба Карпош. Од Обвинителството потврдија дека бараат притвор за возачот кој ја предизвика несреќата и открија дека тој возел побрзо од дозволеното, а на семафорите на крстосницата било вклучено трепкачко жолто светло.

„Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода согласно член 301 став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од ЈО.

Од Обвинителството открија и како се случила несреќата, во која исто така беше повредено и момчето на загинатата девојка.

„Осомничениот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, осомниченио управувал со автомобилот со брзина поголема од 50 километри на час, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Оштетената девојка притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница“, велат од Обвинителството.

Осомничениот возач ги оставил без помош повредените лица и останал во своето возило до доаѓањето на увидната екипа, се додава во соопштението.

„Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците или вештаците и со тоа да ја попречува кривичната постапка, како и оправдан страв дека би можел да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, додаваат од ОЈО.

Видео на денот