Триша Татл / Фото: EPA

Од скандалот со режисерот Палестинец на Берлинале изгледа ќе настрада директорката

Германскиот државен секретар за култура Волфрам Вајмер закажа вонредна седница на Организацијата за културни манифестации, која е надлежна за Берлинскиот филмски фестивал, на која би можело да се одлучува за разрешување на директорката Триша Татл поради контроверзното обраќање на режисер од Палестина на штотуку завршениот филмски фестивал, пренесуваат германските медиуми.

Според „Билд“, на седницата ќе се разгледува идната програмска насока на Берлинале, како и можни промени во раководството на фестивалот. Вајмер бездруго реагира на острата јавна расправа што се разви околу говорот на сириско-палестинскиот режисер Абдула ел Хатиб, добитникот на наградата за дебитантски филм.

На свеченото затворање, тој се појави на сцената обвиткан во палестинска марама и знаме и ги нарече германските власти „партнери во геноцидот на Израел во Газа“.

Ел Хатиб испрати и порака до оние што, како што рече, не ја поддржуваат Газа.

„Еден ден ќе организираме филмски фестивал во Газа и добро ќе запомниме кој беше со нас, а кој против нас“, рече тој, додавајќи дека му било советувано да не зборува бидејќи од 2019 година престојува во Германија како бегалец, но сепак одбрал да го крене гласот за Палестина.

За време на говорот на Ел хатиб, германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер, кој присуствуваше како претставник на владата, ја напушти салата.

По настанот, во дел од германската јавност се отвори прашањето како е можно на фестивал што се финансира со јавни средства да се дозволат вакви, според критичарите, „антисемитски и антигермански“ изјави. Критики имаше и за директорката Триша Татл, дека не реагирала соодветно на говорот на Ел Хатиб, а како грев ѝ се припишуваше и тоа што се фотографирала со филмската екипа на Ел Хатиб, пред палестински знамиња.

Сето ова се случува откако 76. издание на угледниот филмски фестивал почна со друга контроверзна ситуација — на прес-конференцијата по отворањето, претседателот на жирито, славниот германски режисер Вим Вендерс, одби директно да се изјасни за поддршка на Палестина, со одговор дека филмските уметници треба самостојно и на свој начин да се произнесуваат за политички прашања.

„Жолти писма“ ја освои „Златната мечка“ за надобар филм на 76. издание на Берлинале

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот