Отфрламе нова политичка историја на Македонија, е пораката од  53. Семакедонска средба во Трново

Трново - Илинден Фото: Васка,М. Младеновска

Илинденското востание е македонско востание. 2 Август е национален празник на македонскиот народ. Гоце Делчев бил, и е Македонец. Така било и така ќе остане. Затоа, отфрламе нова политичка историја на Македонија и Македонците по барање на Атина и Софија. Без Македонија и без македонскиот народ нема мир на Балканот и во Европа.

Оваа порака беше испратена од  традиционалната 53. Семакедонска средба што се одржа во дворот на црквата Успение на Пресвета Богородица” во потпелистерското село Трново, по повод 2 Август, Илинден-Денот на Републиката.

Обраќајќи се на средбата во Трново, академик Катица Ќулафкова пред присутните истакна дека Македонија има право на успех, а Македонците право на среќа.

-Илинденското востание е трагична кулминација на идејата дека Македонија треба да биде обединета и самостојна, но, и чин на политичка легитимација на македонската национална кауза. Македонија е територија, но, и народ, држава, но, и регион. Се додека трае нејзиното име, ќе трае и името на народот. Македонија никаде не оди. А Мекедонците си одат. Затоа, треба да се вратат. А ќе се вратат кога Македонија ќе биде просперитетна држава и кога меѓународните институции ќе и ги признаат неотповикливо правата кои и следат според универзалните конвенции- истакна академик Катица Ќулафкова на Семакедонската средба во Трново.

Катица Ќулавкова Трново Фото: Васка.М.Младеновска

 Министерката за финансии Гордана ДимитриескаКочоска пред присутните во име на Владата истакна дека во оваа Семакедонска средба има многу измешани чувства на оние коишто се останати тука, во своите огништа и на оние што заминале и се враќаат во родната грутка да се видат со своите најмили и да се вратат онаму каде што припаѓаат и секогаш се тука со срцето.

-Тука е Македонија за сите. Секој ја сака Македонија на свој начин и секој на свој начин треба да настојуваме она што нашите претци во далечната 1903 година и 1944 година и сите потоа го создале и изградиле и оставиле на идните генерации. Во името на Владата можам да кажам дека подеднакво ќе се грижиме за сите каде и да сте. Пред нас е испитот на кој треба да положиме, а неговата тежина е огромна оти имаме одговорност пред сите вас во Трново, Крушево, Скопје, Битола, САД, Австралија, Европа и секаде да направиме посветла иднина и подобри можности за сите- рече министерката за финансии Гордана ДимитриескаКочоска.

Гордана Димитриевска-Кочоска Фото: Васка.М.Младеновска

 На средбата во Трново, Александар Јаневски претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола истакна дека спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јули 2018 година е продолжение на Букурешкиот договор и со неа се легализира окупацијата врз Македонија.

-Токму затоа од Владата бараме безусловно еднострано раскинување на договорите со Атина и Софија и распуштање на Комисиите со Грција и Бугарија за ревизија на македонската историја- рече пред присутните Јаневски.

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров на денешната Семакедонска средба во потплелистерското село Трново истакна дека Спогодбата од Нивице претставува флагрантно кршење на домашното и меѓународното право, се цел да го санкционира Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, чии администратори ќе бидат Атина и Софија.

-Поради тоа, оваа Спогодба е ништовна и не е дел од внатрешниот правен поредок на државата Македонија, затоа што Македонија е суверена и самостојна држава чиј суверенитет е неделив, неоттуѓив и непренослив. Без суверенитет, нема демократија а велепредавството не е демократија. Секој што ќе каже или напише „северна” врши кривични дела против државата. Затоа обврска на власта е врз основа на меѓународното право, веднаш и под итно да ја раскине спогодбата Димитров-Коѕијас-рече Петров.

 Градоначалникот на Битола Тони Коњановски како покровител на Семакедонската средба во Трново истакна дека Општината Битола продолжува да биде поддржувач на оваа средба која ги обединува сите Македонци како од Битола, Македонија и иселениците кои деновиве во голем број се во родната Битола.

-Со сите наши активности и ангажмани како локална самоуправа се надевам дека ќе ги поттикнеме иселениците да се вратат во Македонија и во Битола, во својот роден град, и заеднички да продолжиме да инвестираме за подобри услови за живот и напредок и поголема перспектива за младите-порача битолскиот градоначалник Коњановски.

 

 Традиционалната Семакедонската средба во дворот на црквата Успение на Пресвета Богородица” во потпелистерското село Трново продолжи со општонародна веселба со богата културно-уметничка програма на Културно-уметничкото друштво Гоце Делчев” од Битола и настапите на естрадни уметници.

Васка.М.Младеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот