Осудени лица ќе се грижат за уличните кучиња во затворот Идризово, граѓански здруженија се против
Граѓански здруженија и поединци обвинуваат дека во КПИ Идризово ќе се гради дополнителен капацитет на прифатилиштето на ЈП „Лајка“, кое според нив е еден обид за затворање и мачење на бездомните кучиња.
Капацитетот на ЈП „Лајка“ во моментов не е доволен за да згрижи поголем број бездомни кучиња. Токму затоа се работи на предлог-проект за изградба на дополнителен капацитет на прифатилиштето во КПИ Идризово, информираат од јавното претпријатие „Лајка“.
Препорачано
Од „Лајка“ реагираат и во целост ги отфрлаат обвинувањата од група граѓани по објавувањето на информацијата од страна на надлежните од Општина Гази Баба, дека во КПИ Идризово ќе се гради дополнителен капацитет на прифатилиштето, кое што е претставено како обид за затворање и мачење на бездомните кучиња.
Оттаму информираат дека станува збор за предлог-проект, со идеја да се обезбеди дополнително нов капацитет на одделот за вдомување на кучиња. Со оглед на тоа што, како што велат, се единствено прифатилиште во Скопје, капацитетот на ЈП „Лајка“ е недоволен да згрижи поголем број бездомни кучиња.
– Со реализација на овој проект, очекуваме здравите единки за кои се потрошени средства и кои се подготвени за дом, да можат да бидат згрижени и безбедни додека им се бара дом. Односно кучињата што имаат непредвидливо однесување за околината, кучињата што се жртви на мачење и борби, кучињата со видлив хендикеп, кучињата што се од голем раст и предизвикуваат страв кај населението, кучињата што имаат купирани уши и нема можност да се обележат со ушна маркичка, како и оние што имале сопственик и биле напуштени, а не би се снашле на улица по третманот, ќе бидат неограничено згрижени во новиот дополнителен капацитет – велат од ова јавно претпријатие од каде што потсетуваат дека во моментов на територија на градот Скопје има голем број бездомни кучиња од горенаведените категории бездомни кучиња, кај кои процесот за вдомување оди навистина бавно, па затоа ова претставува идеално решение согласно со стандардите за благосостојба.
Од „Лајка“ велат дека концептот на проектот не е само грижата за благосостојбата на бездомните кучиња, туку да се подобри и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, согласно Законот за пробација, со извршување на општокорисна работа.
– Со насоки на вработени од ЈП „Лајка“, осудените лица ќе бидат вклучени во секојдневен третман на кучињата кои ќе бидат на списокот за вдомување, што подразбира: хранење, прошетки на отворен простор, учење да одат на поводник, но и нивна социјализација, како важен сегмент пред да бидат вдомени во ново семејство – велат од ЈП „Лајка“.
По објавата дека во рамките на затворот „Идризово“ ќе се направи прифатилиште за улични кучиња, реагираа дел од граѓанските здруженија со став дека во новите згрижувачки капацитети, заловените кучиња нема да бидат третирани соодветно.
– Најавуваме дека ќе ги преземеме сите правни дејства што ни се на располагање против сите службени лица што ќе го прекршат законот со реализирање на оваа сурова замисла, која е производ на комплетно непознавање на политиките за хуман третман на бездомни животни, но и производ на непочитување и неспроведување и на постојните програми и стратегии, кои самото Jавно претпријатие „Лајка“ ги донело – стои во објавата на „Зелен хуман град“ на Фејсбук.
Според нив, единствената стратегија која дава резултати и која гарантира ефективна контрола и хуман третман на бездомните животни е масовна стерилизација/кастрација преку програмата „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“, ригорозна контрола над одгледувачи и размножувачи на животни, како и несовесни сопственици кои ги напуштаат своите миленици или ги фрлаат малите штотуку родени кученца и обезбедување субвенции за стерилизација/кастрација на миленици на граѓаните.
Информацијата за новиот предлог-проект за изградба на дополнителен капацитет за згрижување на кучињата од улица, пред неколку денови ја објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, а оттогаш реакциите на јавноста не стивнуваат. Коментарите на граѓаните и на стручната јавност околу изградбата на дополнителни капацитети се поделени. Дел од граѓаните сметаат дека ваквата идеја конечно ќе го реши проблемот со кучињата на улица во Скопје, а дел од нив комплетно се противат на ова решение кое е на повидок.


