Осогово и Големо Коњаре останаа во Втора лига, Преспа немаше среќа
И покрај тоа што беа поразени во баражите за пополнување на Втората македонска фудбалска лига, екипите на Осогово и Големо Коњаре сепак ќе се најдат во второлигашкото друштво во сезоната 2025/26. Ова беше одлучено на денешната ждрепка во просториите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Препорачано
Причина за новонастанатата ситуација е повлекувањето на два прволигашки клуба, Воска спорт и Гостивар, кои одлучија да се преселат директно во најнискиот ранг на натпреварување. Со нивното откажување се отворија две дополнителни места во Втората лига, кои според правилникот на ФФМ се пополнуваат преку ждрепка од редот на екипите поразени во баражите.
Ждрепката одреди среќата да биде на страната на Осогово и Големо Коњаре, кои следната сезона ќе имаат нова шанса да се докажат во второлигашката конкуренција. Третиот учесник во ждрепката, тимот на Преспа, останува без второлигашко место.
Инаку, претходно беше најавено дека и Беса нема да настапува во Втората лига поради финансиски проблеми и откажување на главниот спонзор. Сепак, од клубот вчера ја демантираа таа информација и потврдија дека ќе останат дел од натпреварувањето, без оглед на промените во структурата на поддршката.


