Основното училиште во Волково ќе се догради, ќе добие нови училници и нов систем за греење
Основното училиште „Јоаким Крчоски“ во Волково ќе добие неколку нови училници, но и греење со топлинска пимпа. Договорот за доградба денеска го потпиша градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со што започнува реализацијата на инвестицијата вредна 42 милиони денари.
Препорачано
Како што информираат од Општината, со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект.
Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите. Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење – велат од Ѓорче Петров.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.
За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината – рече Стојкоски.
.


