Дејан Милевски, гитарист

Осмомартовскиот концерт на НУ „Охридско лето“ ќе ја одведе публиката на патување низ различни музички светови

Националната установа „Охридско лето“ по повод 8 Mарт, Денот на жената, организира свечен концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот што ќе се одржи на 7 март во црквата „Света Софија“ во Охрид, со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот на концертот е слободен.

„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата што истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. ‘Охридско лето’ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.

„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страсните ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, додава Цуцковски.

Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид, во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач – гитара, во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.

За време на своите средношколски денови, Дејан Милевски освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.

Дејан Милевски, гитарист

Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија, во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.

Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а од 2020 до 2022 година предава и го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија. Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Хелмут Шмидингер“ во Грац, Австрија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 323, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот