Османи: Преку проектот THINK Balkans до зголемена регионална соработка
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска на состанокот со проектните партнери и претставници од министерствата за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и Вишеградската група, во рамки на проектот THINK Balkans истакна дека со овој проект ќе се зголеми регионалната соработка, најмногу во контекст на справување со предизвиците на ЕУ пристапниот процес.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што соопштија од МНР, Османи се осврнал на непроценливото значење на улогата на тинк-тенк организациите во градење на демократски општества, нивната експертиза и анализа во креирање на политиките и секако нивниот суштински придонес во отворените дебати и дискусии.
– Соработката на тинк-тенк заедницата во регионот преку овој проект ќе ја збогати регионалната соработка, особено во контекст на справување со предизвиците на ЕУ пристапниот процес и ќе придонесе да се зајакне гласот и влијанието на регионот во ЕУ, истакнал Османи.
Тој ја потврдил отвореноста на Министерството за надворешни работи да биде партнер во овој проект што е во силна корелација со определбата за активен дијалог и соработка на Куќата со граѓанското општество.
Проектот е финансиски поддржан од Меѓународниот Вишеградски фонд и моделиран е по примерот на платформата В4 Тинк Тенк.
– Проектната единица има за цел да ја зајакне соработката и да го подобри дијалогот меѓу тинк тенковите од Вишеградската група и Западен Балкан со министерствата за надворешни работи за прашања од заеднички стратешки интерес, се наведува во соопштението на МНР.


