Осло: Пораките од нобеловката Мачадо одекнаа во нејзино отсуство
Во отсуство на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, која е добитничка на Нобеловата награда за мир, но со убедување дека сепак ќе пристигне во текот на денот, денеска во Осло се одржа свечена церемонија на доделувањето на престижната награда.
Препорачано
Во меѓувреме, самата Мачадо во средата изјави дека навистина се упатува кон норвешкиот главен град.
– Ќе бидам во Осло, токму сега сум на пат – рече таа во разговор со претседателот на Нобеловиот комитет Јерген Ватне Фринес, во аудиоснимка објавена од Норвешкиот институт.
Нејзината ќерка Ана Корина Соса Мачадо ја прими наградата и одржа говор во име на својата мајка на церемонијата.
– Демократиите мора да бидат подготвени да се борат за слобода за да преживеат – порача добитничката на Нобеловата награда за мир Корина Мачадо, во говорот што го одржа нејзината ќерка за време на церемонијата на која нобеловката не можеше да присуствува.
Лидерката на венецуелската опозиција рече дека наградата има длабоко значење, не само за нејзината земја туку и за целиот свет.
– Наградата го потсетува светот дека демократијата е од суштинско значење за мирот – рече Мачадо преку ќерка си. „И, најважно, лекцијата што Венецуелците можат да ја споделат со светот е лекција стекната низ долго и тешко патување: Ако сакаме демократија, мора да бидеме подготвени да се бориме за слобода“.
Голем портрет на насмеаната Мачадо беше закачен во Градското собрание на Осло за да ја претставува.
– Слободата се освојува секој ден, сè додека сме подготвени да се бориме за неа. Затоа венецуелската кауза ги надминува нашите граници – рече таа во текстот од својот говор.
– Народ што избира да биде слободен не само што се ослободува себеси, туку и придонесува за ослободувањето на целото човештво.
Во својот говор, Мачадо – преку нејзината ќерка – рече дека Венецуелците не сфатиле навреме дека нивната земја се лизга кон она што таа го опиша како диктатура. „Кога сфативме колку нашите институции станале кревки, веќе беше предоцна“, рече Мачадо.
Осврнувајќи се на покојниот претседател Уго Чавез, кој беше избран во 1999 година и остана на власт до неговата смрт во 2013 година, таа рече: „Кога водачот на воениот удар против демократијата беше избран за претседател, многумина веруваа дека харизмата може да го замени владеењето на правото“. „Од 1999 година, режимот е посветен на распаѓање на нашата демократија“.
Претседателот Николас Мадуро, кој е на власт од 2013 година, тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го собори за да добие пристап до огромните нафтени резерви на Венецуела и дека граѓаните и вооружените сили на Венецуела ќе се спротивстават на секој таков обид.
Вооружените сили на Венецуела планираат да организираат герилски отпор или да посеат хаос во случај на воздушен или копнен напад од страна на САД, според извори на Ројтерс запознаени со плановите.
Кога Мачадо ја освои Нобеловата награда за мир во октомври, таа делумно му ја посвети на Трамп, за кого рече дека ја заслужува таа чест.


