Плакат за 48-те „Денови на македонска музика“

Оркестарот на Музичката младина на Македонија ќе одржи концерт на 48-те „Денови на македонска музика“

Во рамки на 48-те „Денови на македонска музика“, во Камерната сала на Филхармонија на 13 октомври, со почеток во 20 часот, под диригентската палка на Ангел Спироски концерт ќе одржи Оркестарот на Музичка младина на Македонија.

Во програмата на концертот се дела од композиторите Стојан Стојков: „Сумерски записи“ за два сопрана и гудачки оркестар; Јана Андреевска: „Мандала“ за гудачки оркестар; Гоце Коларовски: „Панаѓур“ за перкусии и гудачки оркестар; Тома Прошев: „Темпера 2“ за гудачки оркестар. Како солисти ќе настапат Мила Јаневска – сопран, Хелена Суша – сопран и Калина Христовска – перкусии.

Оркестарот на Музичката младина на Македонија е врвен младински ансамбл со повеќедецениска традиција и значајно место на македонската и меѓународната музичка сцена. Основан во 1986 година како составен дел од Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија, тој е единствениот ансамбл од ваков вид во југоисточна Европа.

Во оркестарот членуваат студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, но неговиот интернационален карактер се огледува и во учеството на млади музичари од различни земји. Со своите интерпретации и високо професионален пристап, овој ансамбл се наметна како значаен изведувачки колектив, освојувајќи го признанието на публиката и музичката критика.

Од самото формирање во 1986 година и првиот концерт, одржан под раководство на основачот и долгогодишен уметнички раководител на ансамблот, Фимчо Муратовски, концертите на Камерниот оркестар стануваат нераскинлив дел македонската музичка сцена, привлекувајќи широка публика и критичка пофалба.

Низ годините, уметничкото раководство на оркестарот било доверено на истакнати македонски диригенти, како Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, Елена Митревска. Неговиот репертоар и уметнички развој биле збогатени и со соработки со реномирани меѓународни диригенти, меѓу кои Арилд Ремерајт, Миша Кац и Џанлука Мартиненги.

Со повеќе од 100 концерти во своето портфолио, оркестарот изведува дела од различни епохи и стилови, комбинирајќи класичен и современ репертоар. Неговите настапи се одликуваат со висока техничка изведба, динамичка префинетост и емотивна експресивност, што резултира со силен музички впечаток. Признанијата и наградите што ги има освоено се потврда за неговата уметничка релевантност и континуираниот придонес во формирањето на идните генерации музичари, како и за неговата улога како амбасадор на македонската музичка култура на меѓународната сцена.

Ангел Спироски / Фотографија: Маја Аргакијева

Ангел Спироски (1996) е композитор и диригент чие творештво ја обединува современата композиција и диригентската пракса. Формалното образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што студира композиција под менторство на Дарија Андовска, а од 2015 година започнува и студии по оркестарско диригирање во класата на Сашо Татарчевски.

Дипломира како оркестарски диригент во 2019 година, а како композитор со највисоки почести (cum laude) во 2020. Во 2021 година ги завршува постдипломските студии по оркестарско диригирање. Своето музичко образование го надградува преку семинари и мастер-класови со истакнати уметници од Латвија, Словенија, Литванија, Србија, Германија и други земји.

Неговиот композиторско-естетски израз се одликува со истражувачки пристап кон современите звучни тенденции. Неговите дела редовно се изведуваат на домашната и меѓународната сцена. Добитник е на повеќе признанија, меѓу кои награди на „Конкурсот за откуп на музички композиции“ (2016, 2017) и Балканскиот натпревар по композиција „Сребрен Рис“ (2019). Добива нарачки за нови дела од страна на фестивалот „Universitas Cantat“ во Полска (2020) и Македонската филхармонија за сезоната 2021/2022. Композициите „Додола“ и „V-root-OKK“ се изведени на фестивалот „Охридско лето“ и Европскиот семинар за хорска композиција.

Како диригент, Спироски соработувал со повеќе ансамбли, вклучувајќи хорови и оркестри на Факултетот за музичка уметност, Македонската филхармонија и оркестарот на Музичка младина на Македонија. Делува и како гостин-диригент со ансамбли за современа музика. Неговото диригентско дејствување е насочено кон интерпретација на современи музички дела, со акцент на новите изведувачки техники и уметнички изрази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот