Орданоски: Голем конфликт околу Украина премногу би ја чинел Русија
Нема да има ескалација на конфликтот во Украина и тој ќе остане како замрзнат конфликт – ова е генералната оценка од вечерашната „Топ тема“ на телевизија Телма, во која учествуваа професорот Методи Хаџи Јанев и новинарот Сашо Орданоски.
Препорачано
„Прескапа е авантурата да дојде до голем конфликт за сите. Тоа различни играчи на таа табла можат различно да го поднесат, дури и со претпоставката дека некои се демократи, а некои се автократи. Цената за Русија ќе биде превисока“, вели Орданоски.
Според него, откако Путин му покажа на Западот дека е решен да оди екстремно ако треба, а Западот му покажа дека е решен ако треба и да се брани Украина со оружје, сега тоа ќе се тргне малку од масата (преговарачка) и ќе се влезе во разговор и тоа во суштина ќе прерасне во замрзнат конфликт.
„Она што сметам дека ќе се случи, накаде ќе се движи целата ситуација, е дека конфликтот ќе остане замрзнат и дека стихијно Путин ќе го добие она што го сака, затоа што сметам дека Западот нема да биде решен за офанзива на источна Украина, а земјата е незадоволна од она што го има сега“, рече меѓу другото Хаџи Јанев.


