Општина Тетово дворовите на училиштата ќе ги пренамени во паркиралишта, за да се намали сообраќајниот хаос
Дворовите на основните училиштата „Лирија“, „Гоце Делчев“, „Истикбал“, гимназијата Кирил Пејчиновиќ како и Стара Медицина и следниот период ќе бидат отворени за паркирање на возила.
Препорачано
„Прилагодувањето на училишните дворови во паркинзи, е одлука што ќе помогне да се намали сообраќајниот хаос во нашиот град за време на новогодишните празници“ соппштија од Општина Тетово.
Десетина дена булеварите и улиците во Тетово особено во попладневните часови се речиси нефункционални. Со доаѓањето на печалбарите, пред новогодишните празници драстично се зголеми бројот на возила низ сообраќајниците, кои се во целосен колапс, а место за паркинг е реткост да се најде.
Во Тетово засега нема никакви активности за изградба на обиколница што драстично би ја намалила фрекфенцијата на возила кои претежно градот го користат како транзит, од една до друга рурална општина од полошкиот регион.
Нови улици не се градат, а неодамна, по две децении чекање, општината започна со пробивање на булеварот Благоја Тоска.
Од ЈП „Градски паркинг Тетово“ минатиот месец најавија дека во 2023 година во план се изградба на две катни гаражи, што значително ќе го намали сообраќајниот хаос.


