Општина Центар ќе отвара народна кујна во Маџир Маало

Општина Центар започнува со подготовки за отварање народна кујна во населбата Маџир Маало, во која би се обезбедувале топли оброци за социјално загрозените граѓани од општината.

Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска оствари средба со претставници од здружението на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени граѓани „Љубезност“. Целта на средбата е отпочнување на взаемна соработка во врска со отворањето на народната кујна.

Општина Центар од оваа година планира да стартува со иницијативата за отворање на народна кујна. Имајќи во предвид дека во нашата општина има жители и семејства кои се на работ на својата животна егзистенција се јавува потребата за функционирање на ваков тип на кујна, како социјален сервис што ќе биде хуманитарна помош за корисниците на овие услуги. Во услови на економска криза бесплатните топли оброци за граѓаните од социјално ранлива категорија ќе им бидат од големо значење – рече Герасимовски на состанокот.

Во обезбедувањето храна како поддршка се прават напори да се вклучат општествено одговорни компании, угостителски објекти и пекари, а општината ќе обезбеди простори и ќе вложи во набавка на прибор за јадење и средства за хигиена за тековно одржување на просторот.

Како што информираат од Центар, соработката со општествено одговорните маркети и компании и комуникацијата на Општината со граѓанските здруженија и вмрежувањето со други здруженија и невладини организации ќе биде од голема важност за преземање на иницијативи и унапредување на активностите за отварањето на народната кујна, а најголем придонес и бенефит ќе имаат социјално загрозените граѓани.

Со оваа иницијатива се доближуваме кон нашата цел – нула глад во Општина Центар. Ги поттикнуваме сите компании, здруженија, амбасади да се приклучат кон оваа иницијатива на Општина Центар и се радуваме за секоја нова соработка која ќе претставува хуман и благороден гест во мисијата да помогнеме онаму каде што е најпотребно – истакна градоначалникот.

Претседателот на Здружението „Љубезност“, Тони Станковски ги презентираше нивните активности во делот на давање на хуманитарна помош, но и во процесот на ресоцијализација и реинтеграција на крајните корисници. Целта на здружението е да се овозможат услови за социјално загрозената категорија на граѓани да станат активни чинители во општеството и да стекнат правилни навики на делување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот