Опозицијата игра тактичка игра за да ѝ прави проблеми на Владата, вели Мартин Шулц

Фото: МИА

И власта и опозицијата треба да го имаат предвид повисокиот интерес на државата за надминување на пречките на патот кон членство во ЕУ, а партиите треба добро да размислат и направат баланс меѓу нивната национална одговорност и тактичките чекори во домашната политичка борба, порача поранешниот претседател на Европскиот парламент и прв човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц.

Шулц, кој учествуваше на вториот Социо-еколошки форум (СЕФ) во Скопје во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Mеѓународниот центар „Олоф Палме“и Прогрес – Институтот за социјална демократија. Одговарајќи на новинарски прашања рече дека неговиот личен впечаток е дека опозицијата игра тактичка игра со цел да ја стави Владата во тешкотии.

– Не е мое да коментирам за внатрешните работи на земјата. Ќе дадам еден пример. Главната опозициска партија во земјава е дел од Европската народна партија (ЕПП). ЕПП пак го дели ставот на вашата Влада дека уставните измени се неопходни за напредок во ЕУ – изјави Шулц.

Според него, во меѓународната политика најважни се довербата и доверливоста, а „ЕУ направила грешка“.

–Пред Договорот од Преспа, земјите членки и ЕУ ѝ дадоа ветување на оваа земја. Зоран Заев и Алексис Ципрас ја вложија својата целосна политичка тежина за тој договор. И по голем број дискусии и дебати во двете земји, мнозинството од граѓаните ги следеа своите лидери и за мене ова беше историски момент за целиот регион. И тогаш јас, како и сите други, верував дека отворањето на ЕУ преговорите ќе може да почне. И тогаш дојде француското вето и тоа поради домашни причини. Тоа не беше фер и не беше праведно. И секако преку вакви дела се губи довербата. Потоа следуваше Бугарија. Затоа, ако владите и опозицијата ги користат ваквите работи како тактички поени, тогаш тоа е контрапродуктивно – изјави Шулц.

Затоа, како што рече, разбира дека граѓаните губат доверба, но смета дека сѐ може да се промени во позитивна насока.

Поранешната шведска министерка за надворешни работи Ан Линде, одговарајќи на новинарски прашања денеска во Скопје, рече дека најважно на патот кон ЕУ е да се направат потребните реформи, иако тоа е особено тешко, бидејќи некогаш се потребно големи промени, говорејќи за уставните измени. Таа уште оцени дека не постојат скратени патишта, нагласувајќи дека земјата мора да ги направи болните и тешки промени за членство во ЕУ, но дека сето тоа вреди да се направи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот