Опасност за здравјето – цела Европа јаде јаболка со пестициди

Групи за заштита на животната средина предупредија на присуство на токсични „коктели од пестициди“ во јаболката што се продаваат низ Европа, откако анализа открила дека 85 проценти од јаболките содржат остатоци од повеќе видови пестициди. Организацијата Pan Europe, која го спроведе истражувањето, им препорача на потрошувачите да купуваат јаболка од еколошко производство или да ги лупат јаболката од конвенционално производство пред консумирање, пишува „Гардијан“.

Pan Europe, сојуз на невладини организации кои се залагаат против употребата на пестициди, анализирал околу шеесет јаболка купени во 13 европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија, Италија и Полска. Резултатите покажале дека 85 проценти од примероците содржеле остатоци од повеќе пестициди, а кај некои биле пронајдени траги и од дури седум различни хемикалии.

Во 71 процент од случаите биле откриени пестициди кои ЕУ ги класифицира како најопасни, таканаречени „кандидати за замена“, кои се планира постепено да се укинат. Анализата исто така утврдила дека 64 проценти од примероците содржат најмалку една пер- и полифлуороалкилна супстанција, попозната како PFAS или „вечни хемикалии“, кои се широко распространети во животната средина и во производите за секојдневна употреба.

Проблемот е во „коктел ефектот“

Иако остатоците од пестициди во ЕУ се дозволени под одредени максимални нивоа, Pan Europe предупредува на таканаречениот „коктел ефект“, при кој потрошувачите истовремено се изложени на повеќе пестициди во еден производ.

Мартин Дермин, висок функционер на сојузот, ја критикуваше Европската агенција за безбедност на храната затоа што ги проценува пестицидите поединечно, наместо да го анализира ризикот од повеќекратна изложеност на поголем број супстанции.

„Во овој извештај покажуваме дека 85 проценти од јаболките имаат повеќекратни остатоци, а не знаеме дали се безбедни за консумирање“, изјави тој.

Јаболката се меѓу овошјата што најинтензивно се третираат

Тој укажа и на можна поврзаност со рак и неплодност. Од организацијата Pan Europe истакнуваат дека дури 93 проценти од тестираните јаболка би биле забранети за продажба во форма на преработена детска храна.

Причината е тоа што количината на остатоци од пестициди во нив ги надминува значително построгите гранични вредности пропишани за деца помлади од три години. Прописите на ЕУ се построги за детската храна со цел да се заштити раниот развој на децата.

Јаболката се едно од најомилените и најраспространети овошја во Европската унија, а во нивното производство предничат Полска, Италија и Франција.

Воедно, тие спаѓаат и меѓу овошјата што најинтензивно се третираат, првенствено со пестициди за сузбивање на краставоста, главната габична болест која им се заканува на овоштарниците.

Од просечно 35 третирања годишно, повеќе од половината се насочени токму кон оваа болест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот