Омаж-изложбата на Миле Корубин открива сликар со сопствена еволутивна патека

Ретроспективна изложба на Миле Корубин во Чифте амам

Еден од низата настани, дел од богатата уметничка програма на Националната галерија во рамките на одбележување на јубилејот 75 години постоење, беше отворањето на изложбата – омаж посветен на Миле Корубин по повод 100 години од неговото раѓање.

Пред многубројна публика, на 28 септември 2023, во магичниот амбиент на Чифте амам за животот и делото на Миле Корубин зборуваа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и д-р Кирил Пенушлиски, историчар на уметност.

Со текстови во каталогот учествуваат и Маја Неделкоска Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска од Националната галерија.

Во своето обраќање, меѓу другото, директорката на Националната галерија истакна дека јубилејните изложби на истакнатите македонски уметници што Националната галерија ги подготвува во континуитет многу често ја надминуваат рамката на формалното официјално одбележување, бидејќи истовремено овој тип изложби даваат и ретроспективен пресек, овозможувајќи потемелен увид во творештвото и развојниот пат на авторите.

д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија

– Оттука, секогаш настојуваме поставката да ја збогатиме и со дела кои ретко или воопшто не биле презентирани пред јавноста. И, секако, една од најважните компоненти е желбата да оствариме и едукативен импакт, со цел културната јавност да добие поширока перспектива за развојот на едно творештво, кое, од своја страна, во одреден историски период извршило влијание врз некои текови во македонската современа уметност – посочи Дита Старова Ќерими.

Говорејќи за местото на Миле Корубин во генерациски рамки, Старова Ќерими истакна дека тој, сепак, претставува издвоен автор кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис.

Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното.

Отворање на изложбата во Чифте амам

– Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност. Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите од просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла.

Тој во една пригода за основната идеја водилка во сопственото творештво истакнал: „Секоја слика ја сметам за незавршена. Нејзиното завршување се остварува во следната слика и така натаму. И, можеби, сите тие слики заедно значат едно оформено уметничко дело.“ како девиза која го тера напред во непрекинатото неуморно истражување на нови предизвици – рече Старова Ќерими.

Во рамките на издавачката дејност, Национална галерија издаде каталог за ретроспективната изложба на Миле Корубин во обем од 180 страници.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 199, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот