Охридскиот рамковен договор треба да е национален празник

Охридскиот рамковен договор им припаѓа на сите граѓани. Повикувањето да се укине е исто како да уринирате на гробот на жртвите, кои животот го изгубија за да ние денес изградиме подобра држава и општество, за денес да бидеме членка на НАТО и да преговараме за влез во ЕУ.

Таа 2001 година, студентските клупи ги заменив со работа на терен во центарот на вооружениот конфликт, претежно во Tетовскиот регион. Бев ангажиран од британски Sky News како локален кореспондент и преведувач. Секое утро ја собирав новинарската екипа од хотелот „Александар палас“ и се упатувавме кон Тетово, прво одевме во хотел „Македонија“, кој беше прес-центар, а потоа се упатувавме директно во жариштето, длабоко во планинските предели на Шара, селата Требош, Порој, Непроштено, Лешок, Слатино, Теарце, Селце, Шипковица, Одри, Ораше, Вратница. Бев сведок на многу немили и трагични настани, кои само војната може да ги донесе.

Во центарот на Скопје, се сеќавам, сѐ беше нормално, кафаните полни, жива музика со акцент на „патриотски“ песни затоа што најголемите „патриоти“ секогаш се наоѓаат во кафеана под дејство на алкохол, на викенди во Охрид и во Грција се одеше, а верувам исто било и во другите градови што не беа опфатени со воениот конфликт.

И додека во Центар се глумеше нормалност, во Арачиново, во Кумановскиот и во Тетовскиот регион се водеше војна, вистинска војна. Виденото и доживеаното не го споделував со никого, дури ни со најблиското семејство – ним, на комшиите и на пријателите им велев дека одиме само во прес-центарот во хотел „Македонија“ и известуваме оттаму, кога се враќав дома и самиот се вклопував во „глумењето нормалност“ и на сите им велев дека сѐ ќе биде во ред, а длабоко во себе чувствував голем страв и немир што не ми дозволуваше навечер да спијам. Бев сведок на војните во Југославија, но преку телевизиските екрани, а сега бев директен сведок како „оазата на мирот“ (како што поранешниот претседател Киро Глигоров ја нарече Македонија) се претвора во воено жариште и е на прагот целосно да се распадне.

Многумина од нас до ден-денешен не ја разбраа сериозноста на таа криза и затоа не му придаваат значење на Охридскиот рамковен договор, па дури и некои политички структури повикуваат на негово поништување. Како да заборавија дека во тоа време не кој било, туку Македонската академија на науките и уметностите излезе со предлог државата да се подели, како да заборавија дека, всушност, ние бевме на работ на граѓанска војна што беше спречена со потпишувањето на ОРД, но за тоа подолу во текстот.

Прочитајте и...  Филмска приказна на Србинка во Грција: Роди девојче додека ураганот Јанос беснееше во Кефалонија

Кога се случија нападите на кулите близначки во САД и американската интервенција во Авганистан, новинарската екипа на британската телевизија веднаш замина таму, а мене ми оставија повеќе од стотина снимени материјали што требаше да ги испратам за Лондон, но набрзо ме известија да не ги праќам туку да ги уништам. Долго време ги чував дома, одвреме-навреме ги прегледував, дури во 2010 година решив да ги уништам, сепак во нив немаше ништо убаво за гледање, страв, плач, солзи, лелеци, крв, бомбардирање, урнатини. Се сеќавам на едно интервју со жена и трите дечиња на киднапиран работник во тетовско „Веро“ од страна на македонските паравоени формации, „Баби, баби“ (тато, тато) низ детски плач е сѐ што ми одѕвонува во главата, плачеа тие, плачев јас, толку многу што не можев ни да преведувам, морав да го прекинам интервјуто додека се смирам.

Се сеќавам на погребот во Прилеп на загинатите бранители од Карпалак, лелеци, солзи на мајки, татковци, браќа, сестри завиени во црно, плачат тие – плачам и јас. Се сеќавам на ноќ помината во подрумот на семејна куќа во Непроштено, цел тој регион беше жестоко бомбардиран за време на ноќите. Очајот, загрижениот поглед на родителите и на постарите во комбинација со плачот и стравот на дечињата од силниот одек на бомбите е слика што тешко се заборава. Се сеќавам на погребот на младо момче од Требош, ако не се лажам убиено од снајпер на влезот во сопствената куќа. Се сеќавам на загрижените лица на македонските полицајци на пунктот во Вратница мислам беше, среде територија контролирана од УЧК, еден од нив низ солзи ми рече дека не знае дали ќе остане жив да си ги види децата. Се сеќавам на утрото кога колегата и другар Трпе ми се јави растревожен и во солзи, не можел да најде автомобил да ја земе неподвижната мајка која живееше на тетовското Кале, а само што беа почнале жестоки борби во тој предел. Веднаш отидовме да ја земеме мајка му и едно мало кученце, ако се сеќавам, откако ги донесовме во Скопје на сигурно, влеговме во кафеана и се опијанивме од среќа, тага, страв, загриженост од комбинација на сѐ.

Прочитајте и...  „Плачам ноќе, моите деца легнуваат со празен стомак“- Пандемијата го фрли на колена Лос Анџелес

Се сеќавам на уривањето на Лешочкиот манастир, на палењето на старата џамија во Прилеп, се сеќавам на Вејце, на Љуботен, на Арачиново, на малтретираните мавровски работници, на десетината исчезнати на кои до ден-денес не им се знае трагата, на раселените, на девастирачките слики на до темел запалени куќи, вие се сеќавате ли, вие кои повикувате на поништување на Охридскиот договор?

Имаше на тие снимки и неколку добри интервјуа, паметам една интересна случка во Порој. Бевме упатени да направиме интервју со командант Лека (Даут Реџепи), по долги убедувања со структурите на УЧК нѐ однесоа во ресторанот сред село и ни рекоа да почекаме. По половина час дојде Лека видно нервозен, висок човек, со долга брада и коса фатена со марама, на појасот имаше долг нож како оној од филмовите на Рамбо, ме праша: „Што к.. сакате, гледате дека војна се води“, почнав да пелтечам додека му објаснам дека сме дојдени за интервју.

Се сеќавам и на одличното интервју во просториите на МВР со актуелниот претседател Стево Пендаровски, уште тогаш ми остави силен впечаток, стабилен, елоквентен човек, прав професионалец. Ме праша дали на македонски или на англиски интервјуто ќе се води, тој англискиот го владее совршено, но не сакаше да го обезвредни мојот ангажман, сепак му објаснив дека е тоа во ред, дури интервјуто би било поефикасно ако тој одговара директно, што и се случи. Многу работи имаше во тие видеоматеријали, ова што го споменав е само еден мал дел, а го споменувам намерно, само да ве потсетам што значи и што носи војната, затоа што денес, по 19 години, сѐ уште, за жал, има поединци, интелектуалци, професори, политичари, кои го негираат ОРД, па дури и повикуваат на поништување. Тоа се тие ликови, претежно опортунисти и комформисти, кои не водат сметка за последиците од нивните јавни настапи, а кои први ја напуштаат државата кога гори и го оставаат народот да гине. Ова е уште поширока тема за анализа, но сепак не за овој текст.

Прочитајте и...  РЕАКЦИИ: Неблагодарно и опасно е јавните пари да се делат по етничка основа

На 10 август 2001 година, некаде во подножјето на Шара, пиевме чај со командант Валон (Valoni) и дел од бригадата 112 на УЧК, кога на телефон ми јавија дека е постигнат договор за мир. Не можам да ви ја опишам радоста што ја почувствував, целиот тој психолошки товар и страв одеднаш исчезнаа. Претставниците на политичките партии, претседателот Борис Трајковски, експертите меѓу кои професорите Фрчкоски и Поповски, претставниците на ЕУ Франсоа Леотар и Хавиер Солана, на САД Џејмс Пердју и Питер Фејт (кој бил во постојана комуникација со Али Ахмети, тогашниот политички лидер на ОНА), конечно постигнаа договор за мир преточен во Охридски рамковен договор, потпишан три дена подоцна, на денешен ден пред 19 години, во претседателската резиденција на Водно.

Охридскиот рамковен договор не ги зеде предвид територијалните решенија за етничките проблеми и го одржа суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Тој ги постави темелите за градење мултиетничка држава со еднакви права за сите нејзини граѓани во согласност со Копенхашките критериуми за пристап на државата во ЕУ. ОРД ја има истата тежина како Преспанскиот и Договорот со Бугарија, без него нема напред, без него нема ЕУ и тоа треба на сите да им биде јасно. Конечно, Охридскиот рамковен договор стави крај на крвопролевањето, а зарем има нешто поблагородно од тоа? Сѐ да оставите настрана, и НАТО и ЕУ, само поради фактот што еден вооружен конфликт е завршен и донесен е мирот, тој треба да се слави како национален празник.

Единствената лоша работа поврзана со Рамковниот договор е неговата бавна и нецелосна имплементација. Поразени се единствено жртвите на конфликтот, нив не можеме да ги вратиме, сите други се победници, државата, Македонците, Албанците и сите други граѓани. Повикувањето да се укине договорот е исто како да уринирате на гробот на жртвите, кои животот го изгубија за да ние денес изградиме подобра држава и општество, за да бидеме денес членка на НАТО и да преговараме за влез во ЕУ.

Охридскиот рамковен договор им припаѓа на сите граѓани.

Прочитај повеќе

Високата смртност од ковид-19 со сè уште непозната дијагноза

Парадоксално: И Грција и Турција се повикуваат на меѓународното право за Медитеранот

Сеад Ризвановиќ

Шилегов: Добро знаете кој „командува“ со навивачките групи

Лука Андреев

Нема одлука за дневниот престој во училиштата, се чека бројот на деца кои ќе следат настава со физичко присуство

Михаило Донев

Хуавеј ќе почека за влез во Македонија!

Илинка Иљоска

Невработените мора да се пријават за да добијат картичка со пари

Весна Дамчевска

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Наставници со креативни идеи за он лајн настава: Виртуелни тури во зоолошки и музеи, гледање драми (ВИДЕО)

Михаило Донев

РЕАКЦИИ: Неблагодарно и опасно е јавните пари да се делат по етничка основа

Весна Дамчевска

Дали очилата го намалуваат ризикот за ковид-19? Луѓето кои носат очила имаат 5 пати помалку шанси да се заразат со коронавирус од луѓето кои не носат!

Слободен Печат

„Бонасера мистер президент“: Давид Сасоли е новата жртва на руските пранкери Вован и Лексус (АУДИО)

Слободен печат

Филмска приказна на Србинка во Грција: Роди девојче додека ураганот Јанос беснееше во Кефалонија

Маријана Митровска

„Плачам ноќе, моите деца легнуваат со празен стомак“- Пандемијата го фрли на колена Лос Анџелес

Слободен печат