Охрид дома ќе брка финале – во Целје загуби со само еден гол разлика
Ракометарите на Охрид го запишаа првиот пораз сезонава во ЕХФ Европскиот куп, откако на гостински терен минимално загубија од Целје со 27-26. Сепак, резултатот остава простор за оптимизам пред реваншот што на 2 мај ќе се игра во салата „Билјанини извори“, каде македонскиот претставник ќе атакува на историски пласман во финалето.
Препорачано
Охриѓани фантастично го отворија мечот, поведоа со убедливи 5-0 и дури во десеттата минута го примија првиот гол. Но, наместо да ја капитализираат таа предност, дозволија противникот постепено да се врати во игра. Следуваше тежок пад во играта и повеќе од 12 минути без постигнат гол, период што значително ја промени динамиката. Домаќинот тоа го искористи и до паузата направи пресврт, заминувајќи на одмор со водство од 15-11.
Негативата дополнително се зголеми во второто полувреме, кога Целје стигна и до плус седум (22-15), па се чинеше дека македонскиот тим ќе претрпи убедлив пораз. Но, Охрид не се предаде, па со серија од 6-1 се врати во игра и ја намали разликата на само два гола. Во самиот финиш, драмата кулминираше: при резултат 27-25, Ѓукиќ погоди на неколку секунди пред крајот за конечни 27-26 и важна надеж пред реваншот.
Најефикасен кај Охрид беше токму Ѓукиќ со пет погодоци, додека Стрмњан и Иванковиќ додадоа по четири. Значаен придонес даде и Лијапис со три гола, постигнати во клучни моменти, додека голманот Пилиповиќ блесна со десет интервенции, особено во завршницата.
Со ваков резултат и поддршка од домашната публика, Охрид ќе има реална шанса да се бори за место во финалето и да се приклучи на друштвото на македонските клубови кои веќе оставиле белег на европската сцена.


