Огромна трагедија: Во експлозијата во Бејрут загинаа над 100 лица, а повредени се повеќе од 4.000 (ГАЛЕРИЈА)

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: ЕПА-ЕФЕ

Врховниот совет за одбрана на Либан го прогласи главниот град Бејрут за погоден од природна непогода и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба по силната експлозија во која загинаа повеќе од 100 лица, а се повредени повеќе од 4.000.

СТРАОТНИ СНИМКИ ОД БЕЈРУТ, небото се затемни, луѓето преплашени: Најмалку 30 загинати и повеќе од 500 повредени (ВИДЕО)

На итен состанок на Советот беше одлучено да се формира посебна комисија за да се истражи причината за експлозијата во пристаништето во централниот дел на Бејрут, а извештајот треба да се заврши за пет дена, пренесува агенцијата ТАСС.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / IBRAHIM DIRANI

Како што јавуваат локалните медиуми, во текот на ноќта Бејрут останал во мрак, а пожарникарите сè уште ги гаснат преостанатите пожари на местото на експлозијата. Облаци од црн чад и натаму се креваат кон небото.

Јавните служби почнаа да ги отстрануваат урнатините.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIRBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIR

Делот од градот каде се случи експлозијата е уништен, а голем број згради се речиси целосно оштетени.

Министерот за здравство Хасан Хамид изјави дека болниците се полни со повредени лица, поради што и хотелите во центарот на Бејрут ќе примаат пациенти на кои не им е потребна операција.

Според податоците на германскиот геонаучен центар ГФЗ, експлозијата била еднаква на земјотрес со јачина од 3,5 степени, а се слушнала и подалеку од Кипар, на повеќе од 200 километри преку Медитеранот.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / WAEL HAMZEH

Либанскиот претседател Мишел Аун синоќа изјави дека е недозволиво 2.750 тони амонијак, за кој се претпоставува дека е причина за експлозијата во Бејрут, да се чува шест години без никакви безбедносни мерки.

Аун на Твитер побара одговорните за овој пропуст да бидат „строго казнети”.

Абас Ибрахим, шеф на државната безбедност на Либан, претходно изјави дека експлозијата е предизвикана од високо експлозивен материјал одземен од брод пред некое време и складиран во пристаништето.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIRNABIL MOUNZER

Премиерот на Либан, Хасан Диаб синоќа изјави дека одговорните за големата експлозија во опасниот магацин во бејрутското пристаниште, ќе ја платат цената за тоа.

– Ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност… Одговорните ќе ја платат цената, истакна Диаб.

Тој додаде дека магацинот се наоѓа во пристаништето од 2014 година, но оти нема да зборува за тоа, бидејќи истрагата за причините за експлозијата се во тек.

Арапските медиуми објавија дека сопругата и ќерката на либанскиот премиер Диаб, како и неколку негови советници, се повредени.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIR

Во меѓувреме, високи официјални претставници од многу земји понудија хуманитарна и каква било друга помош на Либан во решавањето на катастрофата, во период кога земјата се справува и со пандемијата на коронавирусот и со економска криза.

Израелските министри за одбрана и за надворешни работи, Бени Ганц и Габи Ашкенази изјавија дека Израел преку меѓународни безбедносни и дипломатски канали и понуди медицинска и хуманитарна помош на либанската Влада.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIR

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека неговата земја е подготвена да обезбеди секаква можна поддршка и помош на Либан по експлозијата во пристаништето во Бејрут.

„Фотографиите и видеата од Бејрут вечерва се шокантни. Сите мои мисли и молитви се со оние кои се погодени од овој ужасен инцидент”, напиша Џонсон синоќа на Твитер.

Британскиот премиер додаде дека „Велика Британија е подготвена да обезбеди поддршка на кој било начин, вклучувајќи ги и британските државјани кои таму се затекнале”.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / WAEL HAMZEH

Претходно, шефот на француската дипломатијата Жан-Ив ле Дријан на Твитер напиша дека „Франција секогаш е на страната на Либан и на либанскиот народ”.

Тој истакна дека Франција е подготвена да пружи помош во зависност од потребите на либанските власти.

Исто така и Грција и Кипар понудија помош доколку е потребно и изразија жалење и сочувство до Владата на Либан.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE /IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIR

Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање”, додека, пак, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис преку официјалниот Твитер профил изрази подготвеност за каква било неопходна помош.

И иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф понуди помош за Либан.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / IBRAHIM DIRANI

– Нашите мисли и молитви се со големиот и силен народ на Либан, напиша Зариф на Твитер, додавајќи оти Иран „како и секогаш во целост е подготвен да ја пружи целата неопходната помош”.

По силната експлозија што вчера го потресе Бејрут, во чест на големиот број жртви, египетските пирамиди и зградата Бурџ Калифа синоќа беа во боите на либанското знаме.

На тој начин, Египет им оддаде почит на сите жртви кои загинаа во Бејрут.

Осветлените пирамиди во Египет / Фото: Профимедиа

Исто така, и Дубаи, со осветлување на најголемата зграда во светот Бурџ Калифа во боите на знамето на Либан, им оддаде почит на жртвите.

Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIR
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI/DAR AL MUSSAWIR
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / WAEL HAMZEH
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE/IBRAHIM DIRANI
Бејрут, Либан по разорната експлозија / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER
Бејрут, Либан / 4 август 2020 / Фото: EPA-EFE / NABIL MOUNZER

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот