Фото: Илустрација

Предупредување за возачите: огромна карпа падна на патот Тетово – Бањиче

Голема карпа паднала на патниот правец Тетово – Бањиче, кај ресторанот „Лумаре“, при што постои опасност од дополнителни одрони, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Надлежните служби се на терен и се преземаат мерки за расчистување и обезбедување на сообраќајот.

Од ЦУК информираат дека расчистување е најавено и кај каменоломот на патниот правец Гостивар – Маврово, каде што, исто така, е евидентиран одрон.

На повеќе патни правци, меѓу кои Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино, се појавени помали одрони кои редовно се расчистуваат.

Во ридско-планинските подрачја интервенираат две специјализирани возила на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни, но во зимски услови, со снежна покривка до 15 сантиметри.

Патниот правец од селото Пелинце до граничниот премин Пелинце, кој претходно бил подмрзнат и небезбеден, е расчистен по извршена интервенција. Одрон се отстранува и на патот што води кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.

Патот меѓу селата Пклиште и Герман е затрупан со снег, поради што е испратена механизација за расчистување, а сообраќајот таму се одвива отежнато поради кашест снег.

Во западниот дел од земјата, реката Сушица во Охрид е ставена под контрола со заштитен насип, но на повеќе локации сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Слична состојба е забележана и во струшките села Мислешево и Калишта, каде санацијата е отежната поради слабото истекување на водата.

Поплавени ниви и куќи, оштетени патишта и мостови, евакуации во повеќе региони поради обилните врнежи

Во Дебар, реката Радика има зголемен, но стабилен водостој без опасност од излевање, додека помали одрони се евидентирани на патиштата Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои се расчистуваат.

Во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се во опаѓање и засега нема опасност од нови поплави. Општинскиот кризен штаб одржува состанок за проценка на штетите и планирање на санациски мерки.

Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај.

Во градските подрачја состојбата е стабилизирана, а водата постепено се повлекува од поплавените површини.

Во Крушево сите локални и регионални патишта се исчистени, посолени и проодни, додека во Ресен поплавените земјоделски површини се во фаза на повлекување на водата, со активни интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.

Нивото на реката Црна кај Новаци изнесува 320 сантиметри и состојбата континуирано се следи.

ФОТО | Оштетен е мост на локален пат во Демирхисарско, затворен е за сообраќај поради опасност од уривање

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот