„ОФФест“ го откажува годинашното издание поради слабата финансиска поддршка од Министерството за култура

Постерот за годинашното издание на „ОФФест“, дизајн на Зоран Кардула / Фото: „Скопски џез фестивал“

Установата за уметнички дејности „Скопски џез фестивал“ соопшти дека годинашното издание на фестивалот „ОФФест“ нема да се оддржи, со образложение дека доделените милион денари на Годишниот конкурс од Министерството за култура „не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на фестивалот“.

Оттаму велат дека, по 21-годишна фестивалска традиција, немаат друг избор освен да го откажат настанот, кој е еден од најдрагите на љубителите на квалитетната музика.

„Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година.

Немаме намера да ја коментираме Годишната програма, која, според Законот за култура, ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаме во некакви споредбени анализи. Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма.

Од третманот на ‘ОФФест’, како и на есенскиот ‘Скопски џез фестивал’, кому, исто така, му се скратени средствата (за тоа во друга прилика), од актуелната министерка за култура веројатно не треба да бидеме изненадени. Особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“. Во што ‘ОФФест’ и ‘Скопскиот џез фестивал’ очигледно тешко се вклопуваат.

Но, не е наше да се бавиме со ликот и делото на министерката, заробени во скафандер, и со нејзиното педигре во културата. Се знае чија должност е тоа.

Се разбира, еден министер за култура не мора да знае сè. Ништо – не е опција. Партијата, во улога на Господ тука не може да помогне. Ако во конкретниот случај на министерката не ѝ се познати долгогодишниот програмски растеж и континуираниот висок квалитет на фестивалите како ‘ОФФест’ и ‘Скопскиот џез фестивал’, јасно признаени кај нас, а уште повеќе во светот, има за тоа на дофат опсежни материјали во самото Министерство, како дел од апликациите по годишните конкурси и програмските и финансиски извештаи.

На ‘ОФФест’ му останува обврската да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект ‘Sounds of Europe’, поддржан од Европската Унија (преку програмата ‘Креативна Европа’). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени“, велат од „Скопски џез фестивал“.

Годинашното 22. издание на „ОФФест“ требаше да се одржи од 7 до 10 јуни.

Повеќе вести на темата:

Во годината на значајни јубилеји и годишнини 12,5 милиони евра за проекти од култура

Организаторите на Парк фестивал: За четиридневна програма добивме 2,5 илјади евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот