Одобрено обвинението против екс генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири

Мухамед Зеќири во Кривичниот суд / Фото: МИА

Одобрено е обвинението против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, соопшти Основниот кривичен суд.

– Советот за оценка на обвинителан акт постапувајќи по поднесеното обвинение на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со КО. Бр. 59/22 против М.З., кој се товари за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 вв. со ст.3 в.в со ст.1 в.в со чл. 45 од КЗ, а поврзано со соопштението на надлежниот обвинител објавено на 04.10.2022 година: ценејќи ги сите факти и докази во обвинението, донесе решение за оценка со кое ги одби доставените приговори, а актот го прифати во целост, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Согласно оценетиот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со КОК бр. 193/22 и тој е распределен со АКМИС – системот на понатамошно постапување кај судечки совет. Терминот за судење ќе биде достапен на календарот за судење на веб страната на судот.

На 4. октомври  јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт во кој обвинетиот се товари дека сторил продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од Кривичниот законик.

Обвинетиот како службено лице – Генерален секретар на Владата на РСМ, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тој, во периодот од месец април 2021 година до месец март 2022 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги.

Имено, на 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани, недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на Договорот. По склучениот договор, правното лице склучило Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта на Северна Македонија Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност. Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари, што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18% ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ.

Вториот – Договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант). Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ. На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162,00 денари за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138,00 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ.

Со опишаните дејствија обвинетиот прибавил противправна имотна корист од значителна вредност за двете правни лица во вкупен износ од 89.385.255,00 денари, за колку и го оштетил Буџетот на РСМ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот