Одбележувањето на јубилејната година на Канал 103 почнува со настанот „Нова пролет“
Музичкото радио Канал 103 почнува со активностите за прослава на 35 години од своето постоење. Јубилејната година ќе биде одбележана со настани во и вон радиото, кои ја нагласуваат улогата на „Стотројка“ како радиодом на заедницата, јавен простор за современа музика, слободна мисла и независна културна продукција.
Препорачано
Првиот настан е насловен „Стотројка: Нова пролет“ и ќе се одржи на 21 февруари во кафе „Котур“, со почеток во 20 часот. На програмата на настанот се концерт на гостинот Бнелети („Земја на темнината“ на архаичен грузиски јазик) со домашна поддршка од Медарски и Тео Симоновски.
Бнелети е соло-проект на Бен Вилер (Ben Wheeler), американски музичар, композитор и етномузиколог со адреса во Тбилиси, Грузија. Неговата работа е фокусирана на фолклорната традиција на Кавказот, со посебен интерес за загрозени јазици и, речиси, исчезнати инструменти.
Настапувајќи со електрична гитара, азербејџански саз и модуларен синтисајзер, Бнелети ги поврзува грузиската полифонија и азерската гитарска традиција со дарк амбиент, дрон, експериментална електроника и суптилни примеси на блек метал. Неговиот деби албум под името „Бнелети“ излезе неодамна за „Инвертед спектрум рекордс“ (Inverted Spectrum Records).

Електроника во живо и органско техно со среќни инциденти и неочекувани откритија ќе претстави Дарко Медарски, кој во изминатите неколку години интензивно истражува и работи на полето на современата електронската музика. Вечерта ќе ја заокружи Тео Симоновски од „Стотројка“ со диџеј сет за танц во длабокото.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 321, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.2.2026)


