Од утре се одмрзнува плаќањето на ратите: Само 7,4 отсто од клиентите се решија за второ одложување

Фото: МИА

Само 7,4 отсто од клиентите на банките го искористија второто шестмесечно одложување на кредитните обврски, кое траеше од лани во октомври до 31 март годинава. Но, банките не ја одобрија бесплатно оваа операција, па по основ на камати на кредитните обврски, тие лани наплатиле 301 милиони евра, односно за 12 милиони евра помалку во однос на 2019 година.

Поради кризата, банките лани, два пати го замрзнаа плаќањето на ратите, но не и на каматите, кои ги прераспоредија на следните ануитети. Дел од банките како олеснување, на граѓаните им понудија да уплаќаат минимален износ од 1,5 отсто на кредитните картички наместо редовните 3 отсто и тоа од лани во декември до мај година.  Според податоците на Народна банка, од каматите на граѓаните, банките лани, инкасирале 168 милиони евра, од компаниите, пак, наплатиле 101 милиони евра, а 15 милиони евра се слеале од каматите на државните хартии од вредност. Приходите од камати до крајот на март годинава, ќе се наплатат во наредниот период.

Деновиве, одредени банки на своите клиенти им соопштија дека се воведува нов начин на утврдување на нефункционалните кредитни изложености на клиентите, кој е во согласност со регулативата од Европската централна банка и важи од крајот на минатата година.

-Промените во новата регулативa се одразуваат на третманот на клиентите кои користат повеќе различни кредитни продукти. Пред овие измени, уредноста на отплатата кај еден клиент се следеше одделно, по користен продукт. Со измената, ќе се следи вкупниот износ, односно збир на кредитна изложеност од сите користени кредитни продукти на клиентот во Банката – стои во известувањето.

Поради корона кризата, банките им овозможија на граѓаните и фирмите лани во март да го одложат плаќањето на каматите на кредитните рати до крајот на септември, а тоа го искористија дури 70 отсто од клиентите. Второто одложување беше специфично таргетирано само за граѓаните кои се нашле во тешка финансиска ситуација и ја изгубиле работата, а тоа требаше да го докажат пред својата банка и да склучат посебен договор. Сега од први април ќе треба да продолжат со редовното плаќање на обврските, а со стартот на редовното плаќање ќе им стигне повисока рата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот