Од сајбер закани до замрзнување на ЕУ-фондовите: Што сѐ го чека Западен Балкан овој месец?
Претстојниот Самит меѓу Европската Унија и Западен Балкан, закажан за 5 јуни во Црна Гора, се очекува да биде главен катализатор за засилени дезинформациски активности низ целиот регион овој месец.
Западен Балкан во мај веројатно ќе се соочи со зголемени ризици од дезинформации поттикнати од надворешни случувања кои влијаат на интеграцијата во ЕУ, особено политичките пораки околу проширувањето, промената на динамиката во Брисел и пошироките геополитички тензии, се вели во месечниот извештај на „Дисинфо радар“.
Препорачано
Претстојниот Самит меѓу Европската Унија и Западен Балкан, закажан за 5 јуни во Црна Гора, се очекува да биде главен катализатор за засилени дезинформациски активности низ целиот регион овој месец. Како што се наближува овој настан од висок профил, се очекува експлоатација на локалните и глобалните политички случувања со цел да се поткопа довербата во институциите и да се прикаже процесот на евроинтеграција како неискрен, присилен и штетен по националните суверенитети на балканските држави.
Црна Гора, како домаќин и предводник во процесот на пристапување, се наоѓа во фокусот, но наративите бргу се шират и кон другите земји. Оценките на ЕУ за недоволното усогласување на Србија со надворешната политика (особено санкциите кон Русија) и континуираниот застој на Македонија поради спорот со Бугарија, масовно се користат за засилување на тезите за нееднаков третман, геополитичка условеност и неправеден политички притисок од Брисел.
Од Унгарија до Блискиот Исток
Дезинформациската мрежа во регионот не се храни само од локални извори. Информациите укажуваат дека изборниот пораз на Виктор Орбан во Унгарија, се вели во извештајот, предизвикува рекалибрација на реториката на Западен Балкан.
Иако нелибералните струи изгубија значаен сојузник внатре во ЕУ, овој настан веќе се инструментализира. Се шират тврдења дека Брисел активно ги таргетира владите кои не се согласуваат со неговите политики, се додава, предупредувајќи ги балканските лидери дека ќе се соочат со сличен притисок доколку пружат отпор.
Истовремено, економските последици од тековниот конфликт меѓу САД, Израел и Иран создаваат дополнителен простор за манипулација. Растот на цените на енергенсите и ризикот од инфлација се користат за прикажување на западната ориентација како извор на економски тешкотии и нестабилност. Наспроти тоа, алтернативните геополитички партнери сè почесто се промовираат како постабилни и попрагматични решенија за регионот.
Албанија: Сајбер закани и нафтена криза
Во Албанија, јавниот дискурс е под силно влијание на пријавените сајбер напади поврзани со Иран, насочени кон „Албански пошти“ во март. Претстојната владина ревизија на сајбер безбедноста веќе станува предмет на конкурентни наративи – државата се прикажува или како крајно ранлива на странско мешање, или, пак, владата се обвинува дека ги користи безбедносните закани за политички поени.
Паралелно, пишува во текстот, економската вознемиреност расте поради континуираното поскапување на горивата и долгогодишното одложување на законот за државни нафтени резерви. И покрај ветувањата на премиерот Еди Рама, Албанија сè уште нема механизам за ублажување на глобалните ценовни шокови.
Овој институционален вакуум остава простор за дезинформации кои сугерираат дека поскапувањата се резултат на тајни владини манипулации со пазарните актери, а не на глобалната нестабилност.
Босна и Херцеговина: Американско влијание и алтернативни сојузи
Ситуацијата во Босна и Херцеговина дополнително се усложнува со засиленото присуство на конкурентни геополитички актери. Самитот на американскиот „Голд институт“ (поврзан со Мајкл Флин) и априлската посета на Доналд Трамп Помладиот на Бања Лука, беа искористени за директни јавни критики кон Европската Унија.
Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, континуирано го користи овој ангажман за да промовира алтернативни мрежи на надворешно влијание, претставувајќи ги како стратешко партнерство.
Овие активности, проследени со слаба транспарентност, ја потхрануваат реториката дека интеграцијата во ЕУ е опструктивна и во надолна линија, продлабочувајќи ја веќе присутната поларизација и фрагментирајќи го информативниот простор во земјата, вели Дисинфо радар“.
Косово: Политички ќор-сокак и изборна несигурност
По неуспехот на Собранието во Приштина да избере претседател до уставниот рок на 28 април, Косово се соочува со изгледи за предвремени избори во јуни. Оваа институционална несигурност генерира алармантни наративи за системски политички неуспех, „уставен колапс“ и демократска кршливост. Се шпекулира дури и за безбедносно влошување, особено во чувствителните региони како северно Косово.
Очекуваниот изборен процес веќе е мета на кампањи за делегитимизација. Експертите предупредуваат на забрзана употреба на лажни анкети, манипулирани содржини генерирани од вештачка интелигенција и засилена активност на платформи како „Телеграм“.
Целта е да се обесхрабрат гласачите, да се поткопа довербата во изборите и да се прикаже земјата како меѓународно изолирана.
Црна Гора: Контроверзии околу трговијата со оружје
Додека Црна Гора се подготвува да биде домаќин на Самитот, земјата се соочува со внатрешен притисок поради барањата на граѓанското општество за транспарентност околу потенцијалната трговија со оружје и воената соработка со Израел. Во отсуство на јасна официјална комуникација, ова високо чувствително прашање се користи за емоционално и геополитичко врамување.
Владата на премиерот Милојко Спајиќ се прикажува или како соучесник во кршење на меѓународното право, или како мета на координиран надворешен притисок.
Оваа дебата, се наведува, неминовно се прелева во пошироките геополитички расправи за усогласувањето на надворешната политика на земјата, особено во контекст на раната кампања за изборите во 2027 година.
Србија: ЕУ-фондовите под знак прашалник
Информативниот простор во Србија е под силен притисок поради извештаите дека Европската комисија размислува за суспендирање на значителни средства поради спорните закони донесени во јануари (познати како законите на Мрдиќ). Оваа финансиска условеност, наместо како реформско барање, масовно се прикажува како политичка уцена и казнена мерка од Брисел за да се принуди Белград да воведе санкции кон Русија.
Ситуацијата се усложнува со меѓународните критики за демократско назадување и тековните протести околу делумни локални избори одржани на 29 март.
Владините структури, пишува во извештајот, ги врамуваат протестите како странски оркестрирани обиди за дестабилизација, додека цивилниот сектор и опозицијата се етикетираат како странски прокси-агенти.
Овие дезинформациски тактики создаваат слика на ЕУ како непријателски и хипокритичен актер, драстично намалувајќи ја јавната поддршка за евроинтеграциите пред очекуваната парламентарна изборна кампања.


