Фото: Слободен печат / Мирослава Симоновска

Од Итната помош тврдат дека пешакот прегазен на Партизанска го транспортирале за 22 минути

Раководителката на Службата за итна медицинска помош, доктор Анита Димоска, тврди дека пешакот кој утринава беше прегазен на 200 метри пред поликлиника Букурешт (каде што се наоѓа пунктот за итната помош) бил транспортиран во Клинички центар за 22 минути. На лице место на сообраќајката пак, наша екипа посведочи дека итната помош задоцни, едно возило на итната помош прво го одмина повредениот и замина во друг правец, па потоа се појави повторно возило во правец кон Центар. Барем 15 минути пешакот лежеше на асфалтот, а две девојки му ја држеа главата поткрената зашто крвавеше од устата и од носот. Проверките на „Слободен печат“ пак, во МВР, покажуваат дека од времето на пријавата на сообраќајката во полиција до пристигнувањето на екипата на итната помош на лице место, поминале 19 минути.

На 23.04.2026 во 07:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од бул.„Партизански одреди“ и бул.„8 Септември“ во Скопје патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишната Ј.П. од Скопје удрило во велосипед управуван од З.М.(58) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, велат од МВР за „Слободен печат“.

Во Правилникот за организацијата и начинот на вршење на работите на итната медицинска помош дозволено е ескивирање на временскиот период во кој ќе се пружи помошта, односно тој период не е прецизиран.

 

Во правилникот пишува дека „во најкраток рок“ треба да се овозможи континуираното итно медицинско згрижување на луѓето на кои поради болест, медицинска состојба или повреда непосредно им е загрозен животот или здравјето, поединечен орган или делови на телото или здравјето, односно кај кои за кратко време би можело да дојде до загрозување на животот или здравјето.

Рокот е непрецизиран, а непрецизирано е дали возилото треба да дојде од најблискиот пункт за Итна медицинска помош или од друг. Исто така, нема прецизирано во која јавна здравствена установа ќе се пренесе повредениот, односно екипите постојано водат битки која болница ќе им го прими пациентот, што доведува до тоа повредените да се носат во подалечни болници, возилото да чека во дворот на Клинички центар итн. Состојбата со службата за итна помош е алармантна и во поглед на кадар и во поглед на возила. Исто така, нефункционална е и мртвопроверителската служба.

„Во однос на објавата за наводно задоцнета реакција на итната медицинска помош, ја информираме јавноста дека интервенцијата е реализирана согласно постојните протоколи и во соодветна временска рамка. Имено, повикот е примен во 07:20 часот, а пациентот веќе во 07:42 часот е предаден во здравствена установа (УХЦ при Клинички центар) со направена имобилизација и поставена венска линија. Ова укажува на навремена и ефикасна реакција на службата, особено имајќи го предвид сообраќајниот метеж во утринските часови. Апелираме проверка на фактите и точно информирање, со цел да се избегне ширење неточни информации кои можат да го нарушат угледот на службата и да предизвикаат непотребна загриженост кај граѓаните“, вели таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот