Од Грција за Велика Британија заминаа 50 бегалци, меѓу кои 16 деца без придружба

Фото: EPA-EFE/DIMITRIS TOSIDIS

Британската амбасадорка во Атина, Кејт Смит истакна дека тие сакаат да продолжат да соработуваат со грчката Влада во рамките на Даблинската конвенција.

Група од 50 бегалци, од кои 16 се деца без придружба, а останатите возрасни лица кои ќе се спојат со нивните семејства, утрово од Грција заминаа за Велика Британија, во рамките на на Даблинската конвенција, политиката на грчката Влада и европскиот план за релокација, јави дописничката на МИА од Атина.

На атинскиот аеродром бегалците ги испратија алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос, амбасадорката на Велика Британија во Атина Кејт Смит и специјалната секретарка од грчката Влада за заштита на деца бегалци без придружба Ирини Агапидаки.

Денешниот специјален лет е со двојна цел, да ги пренесе бегалците, а на враќање да репатрира 130 Грци од Лондон, кои поради пандемијата не можеа да се вратат во Грција.

Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција рече дека „овој лет, со двојна цел што на различен, но позитивен начин ги менува животите на речиси 200 луѓе” е резултат на упорната работа на три грчки министерства и на две влади.

– Денеска се прави првиот чекор во спроведувањето на заедничкиот акционен план Грција – Велика Британија што го потпишавме пред неколку денови за справување со мигрантското прашање – рече Кумуцакос.

Британската амбасадорка во Атина, Кејт Смит истакна дека тие сакаат да продолжат да соработуваат со грчката Влада во рамките на Даблинската конвенција.

– Нашата намера е, иако излегуваме од Европската унија да продолжиме со соединување на децата со нивните семејства во Велика Британија. Вложуваме голем напор за да продолжиме да го имаме и во иднина овој резултат –  рече Смит.

Во рамките на европскиот план за релокација на 1.600 деца бегалци без придружба од Грција во европските земји, досега заминаа 12 деца за Луксембург и 50 за Германија, а планирано е во следниот период, Финска да прими 100 деца бегалци без придружба, а од Грција за Швајцарија да заминат околу 20 деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот