Од бетер на побетер, тетовската библиотека ќе се сели во училници

Фото: Слободен печат

Градската библиотека „Кочо Рацин“ во Тетово која што е сместена во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово, добила известување дека треба да се дислоцира од постојните простории во училниците на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот во Тетово.

Од библиотеката велат дека се работи за неколку училници кои не ги исполнуваат условите оти се претесни за да се изложат сите книги со кои располога оваа установа.

Фото: Слободен печат

Оттаму бараат надлежните, односно Министерството за култура да размисли за оваа одлука оти ако се спроведе голем фонд на книги ќе треба да стојат во пакети складирани во подруми и сето тоа на штета на нивната установа, но и на читателите.

Фото: Слободен печат

За дислокацијата лично биле информирани од Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а добиле и известување од Центарот за култура.

Маху Муртезани, библиотекар од Градската библиотека „Кочо Рацин“ Тетово/Фото: Слободен печат

„Се работи за простории-училници од Факултетот за музичка уметност при Тетовскиот универзитет кои исто така се наоѓаат во Центарот за култура. Таму има 4 класа, Министерството има ветено дека ќе се реновираат училниците. Ние ги видовме училниците и логички не ги исполнуваат условите за ваков фонд на книги што ние го имаме. Висината не е соодветна, рафтовите со книги нема да ги собере, нема циркулација на воздухот. Ние во оваа просторија каде што сме сега имаме над 150 квадратни метри, но таа е висока, а таму каде ни велат да се преселиме е ниско и плус е со помала квадратура.

Таму нема ниту тоалет ниту место за вработените. Министерството нека прати екипа да видат каде сакаат да не носат, а не само да се зборува. Ние не сме против да се преселиме, но треба да има услови. Ако се преселиме ќе ги изгубиме клиентите оти половина фонд на книги ќе треба да ги чуваме во пакети. Ние тука имаме 83.000 книги, плус имаме архива на новини, ако одиме таму половина од фондот ќе биде спакуван и како ќе ги служиме читателите? Ние имаме 5.300 активни читатели. Имаме до 500 читатели на ден, тие не се виновни за оваа состојба – вели Маху Муртезани, библиотекар од Градската библиотека „Кочо Рацин“ Тетово.

Од Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово, велат дека тие се само корисници на просториите каде сега моментално е библиотеката, но владата е сопственик и таа одлучува за истите.

Фото: Слободен печат

-Министерството за култура ќе поднесе барање до владата за трајно користење на тие простории на други субјекти. Библиотеката „Кочо Рацин“ ќе се смести во просториите кои сега ги користи Тетовскиот универзитет, а во просториите каде сега е сместена библиотеката ќе биде делегација на ЕУ. Ние не сме одговорни за сето ова. Без разлика на нашето мислење, Владата на крајот ќе донесе одлука оти тие се сопственици на објектот, нашето мислење ќе биде само проформа.

Центарот за култура е самостојна институција и нема некоја поврзаност со библиотеката, а стандардите и начинот на работа како треба да работи библиотеката е утврдено за закон“, вели Вулнет Фејзулаи секретар на Центар за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово.

Фото: Слободен печат

Од Министерството за култура велат дека биле насочени кон соодветно решавање на просторното прашање на библиотеката.

„Министерството за култура во континуитет ги увидува потребите на националните установи кои се во негова надлежност. И Центарот за култура во Тетово, како и Бибилиотеката во Тетово се во наша надлежност.Можното дислоцирање на библиотеката ќе биде со исполнување на соодветни услови за нејзино функционирање“, соопштија од Министерството за култура.

Во центарот во Тетово веќе 6 години се гради објект наменет за театарот и градската библиотека. Капиталниот објект требаше да биде целосно изграден лани, но најновите информации на министерството говорат дека објектот ќе биде пуштен во употреба дури во 2027 година

„Во буџетот на Министерството за култура за 2023 година за изградба на Театар и библиотека во Тетово се обезбедени 116.979.000, оо денари. Времетраењето на изградбата на објектот наменет за театар и библиотека во Тетово е предвиден со динамиката за обезбедената согласност за повеќегодишна јавна набавка. Согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година. Во тек е изведба на градежни, градежно-занатски работи и инсталатерски работи. Според доделениот договор и според продолжувањето на динамиката, објектот се очекува конечно да биде завршен и пуштен во употреба во 2027 година“, соопштија од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот